Џолев бара да се провери правосилноста на амнестиите што ги даде, па повлече Иванов

531

Треба да се проверат две работи за постапките со помилувањето што беа дадени од претседателот Ѓорге Иванов, а потоа повлечени. Неопходно е да се види дали се правосилни и дали имал право да ги амнестира, порача претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев на денешната средба со новинарите.

Потребата, како што посочи, доаѓа по зголемниот број повикувања на адвокатите на обвинетите во предметите на СЈО за преиспитување на одлуката за одбивање на амнестијата при оценката на обвинението, по донесувањето на одлуката на Врховниот суд на Грција да не ги екстрадира разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошковски зашто биле помилувани од Иванов и тврдењето дека еднаш дадено право е секогаш дадено право.

– Кривичниот совет и Апелација веќе се произнесоа за аболицијата и при оценката на обвинението помилувањата беа одбиени.Токму затоа опстојат обвиненијата, а во спротивно ќе беа отфлени. Врховниот суд треба да донесе одлука, а во меѓувреме судиите мора да ги тераат постапките. Доколку повисокиот суд одлучи поинаку, Основниот суд Скопје 1 ќе ја почитува и ќе постапува по таа одлука, рече Џолев.

Денеска адвокатите на обвинетите Илија Димовски и Гордана Јанкулоска во случајот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности се повикаа на одлуката на Грчкиот Врховен суд за амнестијата дадена од Иванов. 

Претседателот на Кривичниот суд оцени и дека кривичните пријави најчесто се решаваат за најмногу две години.

Тој на денешната средба со новинарите информира дека во 2014 година биле покренати вкупно 34 кривични постапки за организиран криминал од кои 21 биле завршени истата година, во 2015 година биле завршени 10, во 2016. една, а две во 2017 година по што не останал нерешен предмет.

– Во 2015 година се покренати 88 постапки од кои 67 се решени во првата година, во 2016. се решени 13, во 2017. седум, а во 2018 година една. Во 2016 година имало 86 предмети од кои 55 се завршени во тековната година, во наредната 2017. се решени 16, а во 2018-та пет. Остануваат уште 10 кои се во постапка. Во 2017 година се покренати вкупно 43 постапки, меѓу кои од јуни и постапките поднесени од СЈО. Истата година се завршени 18, а во првите шест месеци од годинава уште девет предмети. Останува да се разгледаат уште 16, рече Џолев.

Од вкупно покренати 34 постапки за злоупотреба на службената положба во 2014 година, додаде, за 20 се изречени затворски казни, за 12 условни, за една ослободителна пресуда, а за една е запрена постапката.

Како што нагласи, во 2015 година биле поднесени 62 барања за изземање судии од кои за 31 се донесени решенија со кои се одбиени, шест се отфрлени, а 24 уважени. Од барањата, 32 биле поднесени од странките, а 30 од самите судии. Во 2016 година се поднесени 75 барања за изземање судии од кои 34 се одбиени, шест отфрлени, а 36 усвоени. Од нив 40 се поднесени од странки, а 35 од судиите. Во 2017 година биле поднесени 105 барања за изземање судии. Од нив 40 се одбиени, седум отфрлени, 56 усвоени, а две повлечени. Од барањата 29 ги поднеле странките, а 76 самите адвокати. Годинава се поднесени 78 барања за изземање судии од кои 55 се усвоени, 20 одбиени, а три отфрлени.

Големиот број на барања за изземање судии се поднесени од самите судии, како што рече Џолев, заради учеството на судиите во кривичните совети кои одлучувале за поведување на постапките што самото по себе подразбира да бидат изземени, како и поради спомнувањето во „бомбите“.