Ќе се преиспитува пресудата за „мерцедесот“ на Јанкулоска

719

За вонредното преиспитување на затворската казна за ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за набавката на „мерцедесот“, ако нема дополнителни промени во распоредот, месецов треба да одлучуваат судиите Фаик Арслани, Џемали Саити, Африм Фидани, Снежана Бајлозова и Јелица Крстевска.

В.Д. претседателот на судот, Фаик Арлсани по жалбите во Судскиот совет дека нема доволно судии во највисокиот суд, направи промени во распоредот на судиите, а тоа се однесува и на кривичниот совет кој треба да одлучува дали ќе ѝ ја прифати или одбие жалбата на Јанкулоска. Ова следува откако беа разрешени судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска кои беа членови на кривичниот совет.

На 24 јуни Врховниот суд ѝ го прифати барањето на Јанкулоска за вонредно преиспитување на пресудата и ѝ го одложи издржувањето на затворската казна. Судијката Добрила Кацарска првично ја осуди Јанкулоска на шест години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Апелацискиот суд и ја намали казната на четири години.

Извршувањето на казната се одложи бидејќи бебето на Јанкулоска немаше наполнето една година. Во меѓувреме, Врховен го прифати нејзиното барање за преиспитување на пресудата со времена мерка за одлагање на извршувањето на казната, дури судиите не одлучат за пресудата.

На ист начин од затворска казна се спаси поранешниот премиер и министер Владо Бучковски, кога Врховниот суд го одложи издржувањето на затворската казна, а потоа случајот го врати на повторно судење.