ЈОРМ: Настаните на 27 април договорени и координирани

201

Основното јавно обвнителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Обвинетите, според јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовески, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

– Опсежаната истрага утврди, а уверени сме дека во судската постапка и ќе се докажа, дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија на битието на кривичното дело. Ве уварувам дека Обвинителството ќе продолжи да постапува согласно законот, имајќи предвид дека гонењето го врши во јавен интерес, и заради тоа неговата активност е насочена, пред се, пред лицето на правдата да ги донесе сите кои сториле кривично дело и секој да одговара за тоа што го сторил, обезбедувајќи го принципот на правна сигурност како еден од фундаменталните аспекти на владењето на правото – изјави вчера на прес-конференција Јовески.

Обвинителството ја запре постапката против пратеничката Жаклина Пешевска, која беше осомничена за упадот што се случи во Собранието на 27 април. Оттаму посочија дека постапката за Пешевска е запрена, бидејќи не се обезбедени докази за сторено кривично дело.

Со обвинителниот акт, меѓу останатите се опфатени три лица, припадници на МВР, кои биле носители на златна и сребрена команда.

– Тие иако континуирано биле известувани дека животот на пратениците од новоформираното пратеничко мнозинство, новинарите, вработените и овластените службени лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието – рече на прес-конференцијата советникот за односи со јавност на ЈОРМ, Елизабета Недановска образложувајќи го обвинителниот акт.

Во обвинението е наведено дека на 27 април едно лице преку телефонски повик во 14:30 часот било известено да ја почне акцијата и заедно со уште неколкумина обвинети го мобилизирале членството од Скопје и од другите градови за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е обезбеден и заштитетен од полициските сили.

– Десетмина од обвинетите организирале поголема група луѓе на кои им делеле маски-фантомни и заедно со нив, по претходен повик во 18:58 часот се упатиле кон Собранието – рече Недановска.

Во обвинението се опфатени и други лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“.

Како што рече Недановска, истовремено во објектот на законодавниот дом еден од обвинетите пратеници телефонски разговарал со едно од обвинетите лица кои биле пред вратата со што се утврдува координација.

– По телефонската комуникација, сега обвинетите петмина пратеници, заедно со тројца обвинети службени лица од обезбедувањето на Собранието отвориле две влезни врати со отстранување на двете заштитни греди и овозможиле влез на лицата со фантомки и на насобраните граѓани. Сега обвинетите лица од обезбедувањето ги насочувале останатите обвинети кон пленарната сала „Македонија“ и кон прес-салата во Собранието – појасни Недановска.

Обвинетите заедно со други непознати лица влегле во прес-салата при што започнале насилство, фрлајќи предмети кон пратениците и кон новинарите.

– Во прес-центарот додека траело насилството и нападот од обвинетите, едно од обвинетите лица се насочило кон пратеникот Зоран Заев, посегнал по пиштолот што го носел со себе, но не испукал затоа што оштетениот бил заштитен од обезбедувањето и од другите присуни лица – рече Недановска.

Обвинетите, како што додаде, ги користеле сите предмети до кои дошле за да им нанесат повреди на оштетените пратеници и новинари, а поставиле и две импровизирани експлозивни направи во законодавниот дом.

Како што е наведено во обвинителниот акт, двајца од обвинетите припадници на МВР кои се обвинети за помагање во извршување на ова дело одзеле два хард диска со цел да ги прикријат трагите од насилниот упад во Собранието.

Покрај за обвинетите, истрагата утврдила дека во организирањето на настаните од 27 април во Собранието на РМ биле вклучени одреден број засега непознати лица за кои продолжуваат истражните дејства.

Обвинителството со подесување на обвинителниот акт до судот доставило и предлог за продолжување на мерките притвор и куќен притвор ценејќи дека се уште постојат законски основи за нивно определување.