Јовески: Се прибираат докази за несреќата кај Ласкарци

116
Фото: Дарко Андоновски

Обвинителството не може конкретно во овој момент да ја посочи одговорноста на лице за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, се прибираат докази и во оној момент кога ќе ги обезбедат вештачењата и сообраќајното и техничкото ќе донесе соодветна обвинителска одлука, информираше државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната заедничка прес-конференција со обвинителката Вилма Русковска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на која информираа за петте осомничени организатори на настаните од 27 април во Собранието.

На новинарско прашање до која фаза е истрагата за сообраќајната несреќата Ласкарци и дали се разгледуваат пријавите поднесени од МВР за ширење говор на омраза, Јовески уште еднаш повтори дека во овој момент обвинителството нема податоци кој е одговорен за сообраќајната несреќа.

– Во моментот се вршат вештачења во делот на тој предмет и откако обвинителството ќе ги обезбеди овие докази, а во исто време веќе се повикуваат сведоци, ќе може поконкретно да соопшти за причините и евентуалната кривична одговорност на сторителот или сторителите на кривичното дело, рече Јовески.

Додаде дека се обезбедени дел од материјалите што ги барало ОЈО од превозникот „Дурмо турс“, а возачот е еднаш сослушан, но тоа, подвлече, не значи дека не може уште еднаш да биде сослушан.