Предметите на Специјалното јавно обвинителство по преземањето од страна на Републичкото јавно обвинителство ќе бидат распоредени по обвинителства и по обвинители, а дотогаш предметите што се во фаза на судење остануваат кај обвинителите од СЈО, кажа државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

– Приоритет ќе имаат предметите кои се во фаза на судење – рече Јовески.

Тој, исто така, кажа дека нема пречка за бомбите да се користат како доказ во постапките пред судовите по преземањето на предметите.

– Тие докази ќе ги користиме. Одбраната може да има и друго мислење, а судовите ќе ги донесуваат одлуките – посочи шефот на републичкото обвинителство.

Од утринава е почнат процесот на преземање на предмети од надлежност на СЈО во надлежност на ЈОРМ. Јовески рече дека очекува до крајот на денот да заврши целиот процес.

Јовески појасни дека функциите на обвинителите во СЈО мируваат додека работеле во ова Обвинителство, па Советот на јавни обвинители ќе ги врати во обвинителствата од каде што дошле.