Јовановски, Јанева и Милевски седнуваат на обвинителна клупа за „Рекет“

365

Судот им ги отфрли сите приговори на Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски и во целост го одобри обвинението за предметот „Рекет“.

– Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот кривичен суд Скопје кој постапува по оценка на обвинителниот акт на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција КО.бр.84/19, постапувајќи по приговорите на обвинителниот акт поднесени од Б.Ј., К.Ј. и З.М., на не јавна седница одржана на 8 ноември, без присуство на странките во постапката донесе решение со кое приговорите на осомничените се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост – соопшти судот.

Предметот ќе биде распределен кај судија, по што ќе биде закажано и првото рочиште.

Случајот „Рекет“, Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата се прошири и против Катица Јанева. Јовановски и Јанева се во притвор во Затворот Скопје, а Зоран Милески-Кичеец со одлука на судот беше префрлен во домашен притвор.