Јовановски: Заев ветувал дека ќе направи сè за да ја олесни положбата на Камчев во „Империја“

489

Ана Камчева и Зоран Милески-Кичеец биле во кабинетот на Зоран Заев и неколку амбасади, кажа обвинетиот Бојан Јовановски во случајот „Рекет“, посочувајќи дека при една од средбите, Камчева и Милески-Кичеец од Заев добиле ветување дека ќе направи се што може да ја олесни положбата на Камчев во случајот „Империја“, кој во тој период бил во затвор.

Јовановски рече дека осудениот Зоран Милески и сопругата на Камчев имале неколку средби со Заев. Образложувајќи ги случувањата, Јовановски дополни дека Заев сметал дека поради „Империја“ не смеело да трпат бизнисите на осомничените.

Во однос на осудениот Милески-Кичеец, Јовановски сведочеше дека имало обиди кога го терал да влијае врз Јанева, на што му одговарал дека до неа не може никој да припари.

Но, освен влијание врз Јанева, според сведочењето, Милески-Кичеец барал Јовановски да влијае и кај градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, за изградба на висококатница, а за возврат добил ветување дека ќе има студио за „1ТВ“ и шопинг центар.

– Тогаш бевме пријатели со Стефан Богоев. Сега веќе имам поднесено кривични пријави против него, но не се поврзани со овој предмет – објасни Јовановски.

Додека даваше исказ, Јовановски неколку пати напомена дека во неговиот телефон, одземен од Обвинителството има пораки кои ќе дадат друго светло на случајот „Рекет“. Тој и натаму бара тие материјали да бидат изведени од неговиот уред.

– Јас од мојот телефон немав ништо бришено. Немав ни заштити на телефонот, а тоа покажува дека не сум направил кривични дела – додаде Јовановски.