Јанкулоска и Јанакиески за „опелот“ во „Монструм“: Аматерски е што не е запален или фрлен во ендек

645

Дел од разговор меѓу Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кој е доказ во „Монструм” а прибавен од нелегално снимените разговори, беше цитиран од судијата Осман Шабани, откако обвинетиот Фејзи Азири побара тој да биде искоментиран од ексминистерката која е сведок на денешното рочиште. Разговорот бил снимен на 16.04.2012 година. Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, ѝ се обрати на Јанкулоска велејќи ѝ дека таа знаела какви ќе бидат резулатите од форензичкото вештачење на разговорот.

Од транскриптот на разговорот, судијата Шабани цитираше како Јанакиески ѝ коментира на Јанкулоска дека автомобилот можеби бил на некој плац, а потоа додава дека било аматерски бидејќи тој не бил запален или фрлен во ендек.

Дел од исчитаниот транскрипт:

Јанакиески: Абе мене ми дојде една идеја
Јанкулоска: Ајде кажи
Јанакиеск: Абе може да е глупост.. Такви типови на коли (се мисли на Опел Омегата) имавме во одземен имот, да проверите да не е од таму.. Да не ја изнел некој. Никој не ги контролира плацовите…
Јанкулоска: Абе, ние ја имаме колата
Јанакиески: Ама претходно, Гоца
Јанкулоска: Не, не. Го најдовме претходниот сопственик. Мене ми треба некој ако ја видел како се движи, да се види дали полнел безнин, па да се провери дали платил со каричка, кеш
Јанакиески: Абе некој да не ја купил бе, Гоцо (се мисли на тоа откако била на плац како одземен имот)
Јанкулоска: Абе знаеме тоа. (сопственост на колата) Нас ни треба каде се движела. Таа кола е украдена
Јанакиески: Па тоа викам Гоца
Јанкулоска: Тој од кого е купена пред да е украдена, не е тука
Јанакиески: Аха
Јанкулоска: Мислам дека колата е стара повеќе од десет години
Јанакиески: Нема внатре ништо траги?
Јанкулоска: Треба време за тоа, не можеш одма. Треба време…
Јанакиески: Многу е аматерски што ја оставиле така колата, можеле да ја изгорат
Јанкулоска: Не е аматерски
Јанакиески: Ама можеле да ја запалат
Јанкулоска: Е можеле, ама мислеле нема да ни помогне
Јанакиески: Или да ја фрлат во некој ендек
Јанкулоска: Треба да се земат траги…

На судењето, прашана од обвинетиот Фејзи Азири, ексминистерката Јанкулоска како сведок кажа дека не негира таква комуникација.

– Факт е дека со Миле сме имале многу разговори на оваа тема. Не негирам дека имавме ваква комуникација со Миле. Ова што вие потсетивте ова е еден дел од подолг разговор. Ова се размислувања, негови размислувања што ми посочува да испитаме, како да испитаме. Овој разговор го гледам како еден од многуте кај што се обидуваат луѓето да дадат придонес – рече Јанкулоска запрашана да го искоментира разговорот.

Во сведочењето, Јанкулоска објасни дека доколку анализите од возилото не покажуваат дека било кај Смилковското Езеро, тогаш ќе се добиеле такви извештаи.

Претходно, Горан Наќевски, родител на едно од убиените момчиња кај Смилковското Езеро, ја запраша Јанкулоска дали „Опел омегата“ е во сопственост на МВР, а таа одговори дека тоа не е точно, што може да се види од списите чија сопственост е возилото, бидејќи тоа е јавен податок кој судот го има.

За време на сведочењето на Јанкулоска, при прашање од адвокатот Насер Рауфи, гласно реагираше родителот Наќевски и му порача одговори да бара во ДУИ.