Јанкулоска и Мијалков не чувствуваат вина за „Таргет-Тврдина“

228

За 6 ноември закажано е ново судско рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, за незаконското следење на комуникациите.

На денешното рочиште воведни зборови дадоа обвинителите и обвинетите, кои пак се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

На почетокот на судењето судијката Џенета Бегтовиќ ги спои предметите на Горан Грујевски, Никола Бошковски и Гордана Јанкулоска, кои претходно беа раздвоени од предметот „Таргет-Тврдина“.

По паузата судечкиот совет донесе решенија да им се суди во отсуство на обвинетите Грујевски и Бошковски, откако Врховниот суд во Атина го одби барањето на македонското Министерство за правда тие да се екстрадираат од Грција.

На ова решение адвокатот Петар Василевски посочи дека ќе поднесе жалба.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во случајот на СЈО „Тврдина – Таргет“ е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата.

Јанкулоска рече дека не се чувствува виновна, зашто во ниту еден момент не направила нешто што е спротивно на законот или на овластувањата што ги имала како министер за внатрешни работи.

Виновен не се чувствува ниту поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, кој се товари за злоупотреба на службената положба и за примање награда за незаконито влијание.

Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Една од обвинетите во овој предмет веќе призна вина и доби условна казна.

Судењето за „Таргет-Тврдина“ почнува по вторпат, бидејќи предметите за Јанкулоска, Грујовски и Бошковски се споија, но и поради смена на член на судечкиот совет.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.