Штетата во МНТ изнесува речиси четири илјади евра

611

Вкупната материјална штета направена во Македонскиот народен театар од навивачката група „Шверцери“ е 3.965 евра, утврдила надлежната комисија. Штетата мора да се надомести, а ќе се утврди и одговорното лице кое ќе ја плати. Но, треба да се понесе одговорност и за духовната штета што е направена, истакна премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, меѓу кои и за случувањата во МНТ.

Заев рече дека го добил записникот од комисијата, но не успеал да го прочита бидејќи, како што рече, синоќа доцна се вратил од Босна и Херцеговина. Тој само ги кажа штетите што се веќе утврдени.

-Откорнати тапацири на потпирачи на пет столици во вкупна вредност од 125 евра, откорнати ногарки на столици од лежиште во вредност од 3.000 евра, откорнати парафети на галериите од 10 метри и од 2 метри, во вредност од 240 евра, искршени орнаменти во вредност од 200 евра, искршени пет подни светилки и дупки на теписон од цигари во вредност од 400 евра. Вкупната штета е 3.965 евра – кажа Заев.

Навивачката група „Шверцери“ минатиот петок го прослави својот 30-годишен јубилеј, при што проследи документарен филм снимен по овој повод. За време на прославата, навивачите скокаа по инвертарот и направија материјална штета врз истиот.