Турскиот претседател ги посети жителите на погодените подрачја

Додека турските пожарникари се борат со огнот во медитеранското крајбрежје, претседателот Реџеп Таип Ердоган е критикуван поради одговорот на владата за справување со најголемите пожари во историјата на државата, пишува „Фајненшл тајмс“.

Осум луѓе загинаа од избивањето на пожарите минатата недела додека стотици туристи се евакуирани откако огнот се прошири низ 40 турски провинции. Речиси 300 пожари беа изгаснати до вчера додека 13 уште се активни, според надлежните турски служби.

– Годинашниот оган не е како ниту еден друг во нашата историја. Ова е најголемиот. На осмиот ден на нашите акции, соочени сме со пожар во термоелектрана – кажа Ердоган во телевизиско интервју, зборувајќи за пожарот во термоелектраната во Мугла поради кој војската го евакуираше локалното население.

Турската јавност е гневна поради очигледниот неуспех за соодветно подготвување на државата за заканата од летните шумски пожари која е постојано присутна. Недостигот од авиони за гаснење на пожари ја принудија Турција да чека специјализирани авиони од други држави како што се Шпанија, Украина и Русија. Анкара ја одби понудата за помош од Грција бидејќи нејзините авиони имале мали капацитети за пренесување на вода, според турскиот министер за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли.

Ердоган изминатиов викенд ги посети најпогодените подрачја, изразувајќи жалење за загубените животи и ветувајќи дека ќе ги „зацели раните на неговите граѓани“. Толпата му аплаудираше, но дел од неговите обиди за утеха на жртвите беа критикувани, особено на социјалните мрежи. Во Мармарис турскиот претседател фрлаше пакувања со чај од автобус во движење, една недела откако им даде чај и на жителите на региониот во близина на Црното Море кој беше погоден од поплави.

– Луѓето ја сметаат оваа идеја за фрлање чај за чудна, бидејќи владата во изминатите години беше свесна во врска со пулсот на населението. Сега се чини дека ја загубија таа способност – вели Синан Улген од институтот „Карнеги Европа“.

Кабинетот на Ердоган ги отфрли информациите од социјалните мрежи како „лажни вести“, соопштувајќи дека Турција ќе пружи компензација за луѓето кои ги загубиле имотите во пожарите.