Црногорската мафија со нови „модни трендови“

Платените убијци порано носеа перики, лажни мустаќи, капи, фантомки, навлекуваа женски хулахопки преку глава. Сега им се достапни силиконските маски, кои всушност им се сигурна заштита зашто многу се слични на обичното човечко лице

Силиконските маски за лице станаа препознатлива опрема на ликвидаторите на црногорските кланови. Во низата убиства на припадниците на Шкаљарскиот и на Кавачкиот клан, професионалните убијци на своето лице носеле силиконски маски, што на полицијата ѝ ја отежнува работата да ги идентификува осомничените, пишува српска „Политика“. Таквите силиконски маски се речиси непрепознатливи затоа што многу личат на обично машко лице. Се изработуваат од таков материјал што ја доближува сликата за нормална човечка кожа, нешто што сме го гледале во филмовите од серијалот „Невозможна мисија“ со Том Круз во главната улога.

Ликвидациите на јавни места во последно време се сѐ почести, а сега на полицијата ѝ е потешко да ги открие сторителите на разните криминални дела. Сега, со новиот тренд што го практикуваат најчесто извршителите на убиства, лесно можат да се скријат од полицијата. Со силиконските маски ем се заштитени ем можат незабележано да поминат во јавност, па дури и до личноста што треба да ја ликвидираат. Со силиконските маски не привлекуваат никакво внимание, за разлика од поранешните начини на криење, кога се користеа лажни перики, мустаќи и други детали, а кои беа вештачки па лесно се воочуваа. Дополнителна предност на овие маски е тоа што ликвидаторите можат да ја стават маската непосредно пред да се доближат до жртвите, па дури и да го извршат убиството.

– Употребата на силиконски маски во криминалните пресметки на нашите простори започна пред пет-шест години, а сега веќе станува практика. Кога личноста при извршување на криминалното дело на своето лице носи маска може да биде снимена со камери, но полицијата поради тоа премногу тешко може да ја идентификува. Инспекторите веднаш преминуваат на други методи за да ги откријат актерите, како што се нивните движења на телото, облеката, грешките при движењето, специфичната гестикулација – изјавил соговорник од безбедносните служби за „Политика“.
Тој потсетува на два случаја што се случиле во Србија и во Црна Гора, во кои осомничените се криеле зад силиконски маски.

Првиот е неодамнешното апсење на Милош Миљановиќ, обвинет за обид за тројно убиство во кафуле во белградската населба Врачар. Цел на нападот извршен на единаесетти месецов, најверојатно, бил Милош Ниловиќ, кој е припадник на Шкаљарскиот клан, а се претпоставува дека Миљановиќ е поврзан со спротивниот Кавачки клан. Тој маскиран и вооружен влегол во дворот на кафулето, но бидејќи не успеал во својата намера, побегнал. Полицијата набргу го открила напаѓачот. Во станот каде што Миљановиќ престојувал, освен „узи“ со придушувач била пронајдена и силиконска маска каква што користат криминалците за да ја збунат полицијата при реализација на ликвидациите во војната помеѓу двата клана.

Неодамна на прес-конференција беа објавени информации за можен атентат на лидерот на црногорскиот Демократски фронт, Милан Кнежевиќ. На конференцијата беа објавени и фотографии од личност со силиконска маска на своето лице, која била снимена со телефонска камера, во непосредната близина на неговата куќа. Оваа снимка била направена по полноќ, а неидентификуваната маскирана личност, која била во близината на куќата на Кнежевиќ, била пријавена во полиција.
– Платените убијци порано носеа перики, лажни мустаќи, капи, фантомки, навлекуваа женски хулахопки преку глава. Сега им се достапни силиконските маски, кои всушност им се сигурна заштита. Мал е бројот на луѓето што ги произведуваат и изработуваат ваквите маски, па криминалците ги нарачуваат од странските земји.

Токму нарачувањето од странство може да ѝ помогне на полицијата да им влезе во трага на ликвидаторите. Основна карактеристика на тие маски е тоа што се изработуваат од истиот материјал од кој се произведуваат имплантите што се користат при оперативни зафати и кои се ставаат во човечкото тело. Ликвидаторот не може маската да ја стави сам, потребна му е помош од друга личност за таа добро да се постави на главата и на вратот – вели соговорникот и додава дека убијците ги уништуваат силиконските маски по извршувањето на задачите, но имало и примери кога криминалците во неколку ликвидации ги користеле истите маски, бидејќи ги сметаат за некој вид среќни амајлии.

Силиконски маски се споменувале и на почетокот на годината по бруталното убиство на лидерот на Шкаљарскиот клан, Игор Дедовиќ, и неговиот соработник, Стеван Стаматовиќ, во ресторан во Атина. Четворицата ликвидатори, кои упаднале во ресторанот каде што Дедовиќ седел заедно со соработникот, отвориле оган кон нив, а нивните лица биле добро скриени со силиконски маски. Сторителите на ликвидациите сѐ уште не се откриени, пишува „Политика“.

[email protected]