Хелсиншки бара најстроги казни за полицајците што брутално тепаа Ром во Битола

246

Видеоснимката од полициската бруталност врз припадник на ромската заедница, која денеска се прошири на социјалните мрежи и медиумите, покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани продолжува да биде честа практика на полицијата, се вели во соопштение на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
https://www.facebook.com/watch/?v=386377129192437

Од таму најостро го осудуваат ваквото однесување на полициските службеници и најавија дека за настанот ќе поднесат претставка до специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство.

– Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се поведе постапка пред судот со цел утврдување кривична одговорност. Дополнително, од одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и поведување кривична постпака – се наведува во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница.

Потсетуваат дека овој инцидент во Битола се случува само три месеци по полициската бруталност врз бездомни лица Роми, кои живеат под железничката станица во Скопје.

– Ромите во земјата секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери – се вели во соопштението.