Хакерите најавија дека следна цел им се извршителите

1099

Анонимните хакери од земјава најавија преку Твитер дека следна цел им се извршителите.

– Извршители – убијци – вие сте на ред, спремете се – се наведува на профилот на анонимната хакерска група.

Откако утрово беше хакирана веб-страницата на Министерството за здравство, хакерите на „Твитер“ пишуваат дека тие во ниту еден момент не го загрозиле серверот за е-пошта на здравство, туку направиле екстракт на е-поштата.

– Сајтовите и серверот за е-пошта се изгасени од страна на шалабајзерите кои се систем-админи во тие министерства – се наведува на профилот АносОпсМКД.
Претходно од Министерството за здравство објавија дека нивната официјалната веб-страница не функционира, а не функционираат ниту службените е-адреси на вработените во институцијата.

Одговорноста за хакерскиот напад ја презеде групата што стои зад профилот АносОпсМКД, а која претходно призна дека е одговорна и за паѓањето на македонскиот агрегат за вести Тајм.мк.

Tие се оградија од хакирањето на веб-страната на Државната изборна комисија на денот на изборите.