Фирма продавала производ за кој лажела дека нема глутен

124

Полицијата поднесе пријава против фирма во Скопје и нејзиниот сопственик поради измама на купувачи – односно продажба на производ на кој лажно било наведено дека не содржи глутен.

Пријавениот З.Л. (38) од Скопје во својство на сопственик и управител на правно лице во Скопје, во име на фирма од Бугарија набавил повеќе суровини меѓу кои и „Јачменова трева во прав“ во количина од 30 килограми, иако знаел и бил свесен дека претходно нема извршена анализа на производот и дека не поседува документ како доказ дека производот не содржи глутен над дозволеното за да може да се декларира како производ што „не содржи глутен“.

Според информациите од МВР, после тоа, производот „Јачменова трева во прав“ го препакувал во 240 пакувања од по 125 грама, кои ги декларирал со налепница на која внел невистинит податок дека производот не содржи глутен и го дистрибуирал и пуштил во продажба до повеќе правни лица за малопродажба во Македонија.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, по извршена анализа, било утврдено присуство на глутен над дозволеното 20мг/кг во готовиот производ и дека не може да се декларира како производ кој „не содржи глутен“, бидејќи ознаката „без глутен” може да биде присутна кај производи доколку содржината на глутен не надминува 20 милиграми на килограм во готовиот производ.