Уште една мистерија – пронајдена мртва девојка во Волково

4760
Фото: Игор Бансколиев

Последните случувања на исчезнување на лица ретко кој ги поврзуваше со самоубиства. По овие настани во јавноста поголем фокус се ставаше на заговори со трговија на органи, ретко кој се осврна на овој агол, односно дали можеби причина е нешто друго, како на пример разочараност. Според одредени и сѐ уште непотврдени информации, кај младиот Горан Атанасовски станува збор за самоубиство, но неговата смрт сѐ уште е мистерија. Домашната јавност вчера ја потресе веста за починатата девојка во скопско Волково, за чија смрт допрва треба да добиеме официјални сознанија. Во изминатата 2018 година се случиле стотина самоубиства, а над 120 лица имале само обид за самоубиство. Според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи, само во првите девет месеци од изминатата 2018 година, на територијата на Македонија, се случиле 97 самоубиства и 122 обиди за самоубиство.

Според статистиката од МВР, од 2001 до 2010 година, најчесто се самоубиваат луѓе со нервно растројство и болест. Исто така машките лица што се постари од 30 години се најчеста категорија што се одлучува на самоубиство. Според листата на СЗО, за самоубиства на 100 илјади луѓе во 2016 година, Македонија се наоѓа на 128-то место.
Според психолозите, самоубиствата најчесто произлегуваат од психолошки растројства и растројства на личноста. Како фактор може да се наведат и дефицит на хормонот серотонин, злоупотребата на алкохол и дрога, користење одредени медикаменти, траума, фамилијарен историјат на самоубиство итн.

Јавноста вчера ја потресе нова вест за пронајдено тело на дваесет и деветгодишна девојка во селото Волково. Смртта на девојката ја потврдија од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека засега не можат ништо да кажат за причините за смртта, но штом ќе биде завршена обдукцијата, ќе излезат и со официјална потврда за тоа од што настапила прераната смрт кај оваа млада жена.


Што сведочат мештаните

Веста за починатата девојка во Волково, која најпрвин беше неофицијално споделена, но набрзо и потврдена, ја вознемири јавноста. Екипата на „Нова Македонија“ вчера беше Волково, а на местото на кое беше најдено мртвото тело веќе беа пристигнати полициско возило, возило на итната медицинска помош и погребното возило на АД „Бутел“. Увидната екипа и полициските службеници, веќе ја привршуваа својата работа. Во нивата на носилка се наоѓаше телото на почината девојка, која беше покриена со чаршаф. Службените лица на терен не дозволуваа да се доближиме до местото и не сакаа да зборуваат за случајот. Веднаш нѐ упатија да побараме одговори од Министерството за внатрешни работи, од каде што требаше и официјално да ни стигне потврда кои се причините за нејзината смрт. Набрзо потоа погребното возило на АД „Бутел“, го однесе мртвото тело на девојката на обдукција во Судска медицина.
– Утрово во 9.50 ч. било пријавено дека има починато женско лице во нива, која се наоѓа во близината на последната автобуска станица во селото Волково. Полициски службеници констатирале дека станува збор за 29-годишната М.Ѓ. од Скопје. Лекарот утврдил дека нема траги од насилство – соопштија вчера од МВР.

По наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција. Ова се официјалните податоци, но неофицијално вчера некои од тамошните жители проговорија за настанот.

Неофицијално дознаваме дека постојат индиции дека била во друштво на лица кој во МВР биле регистрирани како нарко зависници. Тамошна жителка, вели дека се зборувало оти девојката најверојатно починала од предозираност. Во нивата вчераутро мртвото тело го забележала жена, која секое утро поминувала оттука, за да стигне до блиските станбени згради, каде што ја одржувала хигиената во влезовите.

Одела преку нивата бидејќи тоа ѝ бил најблискиот пат до зградата. Вчераутро таа прва го забележала мртвото тело. Исплашена се вратила назад кај автобуската станица, и влегла во дворот на најблиската куќа, раскажуваат тамошните жители.
– Влезе во нашиот двор, жената беше многу исплашена и кажа дека во нивата пред нас видела девојка, која најверојатно била мртва. Мојот сопруг отиде до местото и потоа се јавија во полиција. Полицијата потоа дојдоа со комбе и веднаш отидоа на местото – вели Смилјана, жителка на Волково.

Во ова населено место, оние што живеат во близината на местото каде што била пронајдена мртвата девојка раскажаа дека оваа млада жена повремено ја гледале како доаѓа во Волково. За жената потврдија дека била на триесетина години, а доаѓала кај свои пријатели во една од куќите по нивата. За неа чуле дека била од скопската населба Хром, како и тоа дека поради својата зависност често била под полициски третман. Последен пат пред два месеца ја забележале исто така како оди да ги посети своите пријатели, а потоа била пресретната од полицијата. Најверојатно ја претресувале за да проверат дали кај себе имала дрога, велат жителите и додаваат дека ја виделе целата во крв. И тие очекуваа да дознаат што ќе каже полицијата.
Настанот за почината девојка во Волково повторно ја вознемири јавноста, која сѐ уште е неспокојна поради последните вести за исчезнати граѓани. Уште е нерасчистен случајот за исчезнувањето и за пронаоѓањето на мртвото тело на младиот Горан Атанасовски, а вчера повторно згасна нов млад живот.