Уште еден обвинител од СЈО повикан да даде исказ за „Рекет“

229

По сведочењата на обвинителките Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, следен обвинител кој ќе ќе треба да даде исказ за случајот „Рекет“ е Бурим Рустеми. Тој е повикан за исказ во Обвинителството за организиран криминал и корупција, но поради утрешното судење за случајот „ТНТ“, се уште не е познато во колку часот ќе биде даден исказот, пренесоа повеќе македонски медиуми, повикувајќи се на извори во обвинителството.

Денес Обвинителството информираше дека истрагата за случајот „Рекет“ тече во претходно утврден план.

– Во тек е финансиска истрага во повеќе насоки и прибирање на доказен материјал што ќе помогне во утврдувањето на фактичката состојба. Воедно, дел од одземените електронски уреди се вештачат, а за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини – стои во соопштението.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција исто така информираше дека во интерес на постапката нема однапред да споделува информации за дејствијата што ги презема во предметот, па така и за лицата што ги повикало или има во план да ги повика да дадат исказ.

– Со оглед на тоа дека се работи за предмет што предизвика голем интерес во јавноста, обвинителството во рамките на можностите ќе продолжи и понатаму да ги споделува сите информации што нема да наштетат на понатамошната постапка. Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството уште еднаш укажува дека само официјално добиените информации во врска со овој предмет се веродостоен извор – информираат од Обвинителството.

Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и на бизнисменот Зоран Милевски Кичеец се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари.

Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку јавен обвинител од СЈО да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.