Уставниот суд ја почна седницата за одлуката за референдум

144
Фото: Дарко Андоновски

Уставниот суд ја почна седницата на која треба да се одлучува за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.

На седницата присуствуваат претставници на политичката партија „Левица“ и од Светскиот македонски конгрес, кои се подносители на иницијативите, а судија известител е Елена Гошева која го образложува предметот.

Подносителите сметаат дека одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија. Тие бараат Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.

Иницијативата за оспорување на одлуката за распишување на референдум, според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, е обид за уривање на државата. Во изјава за МИА, тој вели дека Судот формално-правно има на располагање три можности.

Фото: Дарко Андоновски

Првата можност е да ја отфрли иницијативата, ценејќи дека прашањето не е такво за Уставниот суд да постапува. Втората може да биде Судот да ја одбие, односно да не поведе постапка кога веќе ја ставил во фаза на одлучување, и третата, може да одлучи да поведе постапка отпосле, да оди и на соодветно укинување или поништување.

Од друга страна, како што вели, стравува дека со поставувањето воопшто на самото прашање за разгледување пред Уставниот суд, имајќи го предвид досегашното искуство од работата на овој судски состав, се оди токму на рушење на темелите на државата.

– Рушењето на тој референдум би значело рушење на тие темели и на опстанокот на државата – истакна Ивановски.

За иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за референдум вчера се произнесе и шефот на дипломатија Никола Димитров на прес-конференцијата со неговиот германски колега Хајко Мас. Според него, голема е одговорноста во овој момент, кое било тело, дури и Уставниот суд, клучот на одлучување да го земе од рацете на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев, пак, во врска со постапувањето на Уставниот суд за одлуката за распишување референдум пред извесно време рече дека, според него, сѐ е во согласност со Уставот, но дека останува Судот да си го каже своето.