Убиството на српскиот адвокат се заплеткува во разузнавачките води

442
Драгослав Миша Огњановиќ

Му пресуди ли на Драгослав Миша Огњановиќ тајната снимка за англиската вмешаност во војната на Косово

Педи Ешдаун, претставник на британскиот премиер Тони Блер, нелегално ја минал тогашната граница на СРЈ, отишол во село на Косово, во албанска куќа, во која една од собите била полна со оружје, митралези, пушкомитралези и слично. Тој ги прегледувал цевка по цевка, оценувајќи го квалитетот на оружјето. „Оружјето не ви е добро. Јас сум специјален претставник на Тони Блер и дојдов овде да ви помогнам да убивате Срби“. Тоа на снимката може да се види и слушне, не постои никаков трик во ова што го зборувам, сведочел своевремено Огњановиќ

Убиството на познатиот адвокат Драгослав Миша Огњановиќ силно ја вознемири јавноста во Србија, пред сѐ поради начинот на кој е изведено, што неминовно ги врати сликите кога ваквите свирепи егзекуции беа речиси секојдневна слика. Огњановиќ бил убиен од заседа пред неговиот дом, при што бил ранет и неговиот син во раката, а убиецот ладнокрвно го напуштил местото на злосторството, исчезнувајќи во непознат правец.

Првичните сомневања водеа до тоа дека убиството е мотивирано од фактот дека Огњановиќ, кого го нарекуваа и адвокат на ѓаволот, своевремено го бранел Лука Бојовиќ, еден од водачите на Земунскиот клан, па сега поради тоа се нашол на удар на кланот Шарановиќ, кој подолго време ги расчистува сметките со „земунците“, а, како резултат на тоа, десетици лица се убиени само последниве неколку години. Вториот правец во кој се движеа сомневањата е дека адвокатот настрадал во пресметката меѓу двата црногорски клана – Кавачкиот и Шкаљарскиот, а една од верзиите одеше дотаму што се тврдеше дека во кланот на Лука Бојовиќ наводно дошло до внатрешно расчистување на сметките, поточно до борба за превласт во кланот, при што Огњановиќ, кој „знаел многу“, е елиминиран за да не прозбори.

Но најновата верзија што се пласира за неговото убиство добива на тежина и ги враќа спомените на времињата кога странските разузнавачки служби пустошеа низ Србија, не избирајќи начин да ги остварат своите цели. Во една таква ситуација, Огњановиќ, како адвокат од тимот што го бранел Слободан Милошевиќ, имал пристап до најразлични документи, некои и со специфична разузнавачка содржина. Токму сознанието на адвокатот дека странците во Србија не доаѓале само во официјални дипломатски посети, туку имале и супертајни разузнавачки мисии, сега се разгледува како една од можните причини за негова елиминација.

Официјалната истрага е во полн ек, очите на јавноста се вперени во овој случај, а сомневањата остануваат да лебдат.
– Шест години минав во Хаг соработувајќи со Милошевиќ, иако претходно не го ни познавав. Пред тоа го имав видено само на телевизија. Не бев ниту негов политички истомисленик. Мојот колега Бора и јас ја основавме Народната партија за правда. Тој беше претседател, а јас генерален секретар. Тоа е фамата со која никогаш не сакав јавно да се соочам, а се пишуваше дека сум член на повеќе партии, но немав намера да ги демантирам тие работи – сведочел Огњановиќ, потсетувајќи се токму на тој период.
Огњановиќ тогаш објаснил и како го одбрале да биде дел од тимот што го застапувал Милошевиќ.

– Јас во тоа време бев најмладиот член на тимот од девет адвокати, на чело со Тома Фила. Некои адвокати го одбија поради неговата политика. Јас бев повикан, навистина не знам по кој сплет на околности, а тој дури во една ситуација ми рече дека знае дека сум бранел некои припадници на „Отпор“. Она за што во овој случај многу се зборува овде е најболното во предметот што се водеше против него. Ќе наведам еден фрапантен пример, а колку што се сеќавам беше за време на сведочењето на генералот Божидар Делиќ, кој беше фантастичен и зборуваше од позицијата на знаење. Тој е навистина еден врвен воен експерт, многу широко образован – рече тогаш адвокатот.
Како што наведува адвокатот понатаму, „тој со едно транспарентно сведочење ги поби сите наводи зад кои стоеле сите експерти на обвинителството во Хаг, Најса и Карла дел Понте“.

– Ние дојдовме до една автентична снимка, не ме прашувајте како, која претставува сведоштво, доказ, за тоа дека Педи Ешдаун, претставник на британскиот премиер Тони Блер, нелегално ја преминал тогашната граница на СРЈ, во координација со припадници на УЧК, непосредно пред бомбардирањето. И тоа преку Јуничка Планина, по козји патеки на кои не може да мине со какво било моторно возило. Тој реон тешко се надлетува и со авион и со хеликоптер. Тој ја минал границата, дошол во едно село на Косово, во една албанска куќа, во која една од собите била полна со оружје, митралези, пушкомитралези и слично. Тој ги прегледувал цевка по цевка, оценувајќи го квалитетот на оружјето. Припадниците на УЧК молчеле и стоеле околу него, а потоа тој рекол: „Оружјето не ви е добро. Јас сум специјален претставник на Тони Блер и дојдов овде да ви помогнам да убивате Срби“. Тоа на снимката може да се види и слушне, не постои никаков трик во ова што го зборувам – изјавил во таа пригода Огњановиќ.
Сцената што следувала особено ги изненадила сите во Хаг.

– Во тој момент составот на обвинителството во Хаг беше комплетно британско. По изведувањето на тој доказ, на затворената седница, беше тажно и очајно, а ние со одредена гордост ги гледавме нивните лица, кои останаа без текст. Не рекоа ништо, настана молк. Доказот беше изведен пред обвинителството и никој од нив не кажа ниту збор. Ние претходно ја најавивме видеоснимката и сега таа се наоѓа во судските списи. Таа снимка е сведоштво за учеството на странските служби во она што е правено пред, за време и по сите случувања на Косово – сведочел адвокатот.
Овие негови зборови деновиве повторно се предмет на анализи, особено по индикациите дека е можно во неговото убиство да има вмешаност на разузнавачките служби.

Имено, во досега најинтересната верзија за вмешаност во свирепото убиство се споменуваат и низа разузнавачки служби за кои сега веќе убиениот адвокат имал исклучително сензитивни безбедносни сознанија, дури и конкретни докази за нивното подземно работење во Србија и регионот, Една од информациите за која адвокатот имал и докази за нелегалните операции на безбедносните, поточно за британската разузнавачка служба на територијата на Србија, односно на Косово, зборува за вмешаноста на Педи Ешдаун во вооружувањето на албанските терористи на Косово. Некои од тие докази адвокатот му ги презентирал на Специјалниот суд во Хаг, меѓутоа многу од нив останале во негов посед. Дали тоа е една од причините за неговото ликвидирање? Ц.Х.


КОЈ Е ПЕДИ ЕШДАУН?

Педи Ешдаун (Џереми Џон Дурам Ешдаун, роден во Њу Делхи, на 27 февруари 1941) е британски политичар. Меѓу 1988 и 1999 година бил претседавач на Либералните демократи. Доживотно ја носи англиската титула пер и до почетокот на 2006 година беше висок претставник на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Роден е како најстаро од седумте деца во Њу Делхи во Индија, каде што татко му служел во редовите на индиската армија. Најголемиот дел од детството го минува во Северна Ирска (оттаму и прекарот Педи). Школувањето го завршил во училиштето „Бедфорд“ во Англија. Меѓу 1959 и 1972 година служел како офицер во кралската морнарица како специјалец за блиска борба и борбен нуркач. По излегувањето од војската работел во британското министерство за надворешни работи, а подоцна се кандидирал на парламентарните избори за округот Јовил, каде што бил избран во 1983 година. Додека уште работел како дипломат во Џенова, во 1970-тите години, бил обвинет дека работел за англиската тајна служба МИ-6. Овие обвинувања станале актуелни кога била прикажана снимката на Педи Ешдаун со албанските терористи на Косово. На таа снимка се гледа како тој им дава конкретни упатства за вооружувањето во герилска борба против српската полиција и цивили.