Уапсен еден од лидерите на Чепинскиот клан

1898

Оваа криминална групација се појавува во разни полициски истраги и се поврзува на најразлични политички и финансиски афери во Хрватска

Неодамнешното апсење на Драган Баковиќ наречен Бамбур (48) во центарот на хрватскиот град Осиек, додека во друштво со пријателите го пиел попладневното кафе, предизвика вистинска бура во јавноста и во медиумите, со оглед на тоа дека Бамбур се сомничи дека организирал криминална група луѓе, кои ја запалиле викендичката на поранешниот хрватски државен обвинител Радован Ортински. Истовремено, идентични полициски акции се спроведени и во Риека и во Загреб, каде што наводно биле и другите припадници на Чепинскиот клан. Уапсени се пет луѓе, додека по една жена сè уште се трага и постојат основани сомненија дека таа се наоѓа во Германија.

На сите уапсени, како и на Драган Баковиќ, откако се сослушани во полицијата, им е одреден едномесечен притвор, поради евентуално влијание врз сведоци. Притвор е одреден и за жената што е во бегство, па затоа хрватската полиција за неа распиша меѓународна потерница.
Името на Драган Баковиќ од осиечката населба Чепин во медиумите се поврзува за организираната криминална група оттаму, која уште од средината на 90-тите години од минатиот век се занимава со најразлични видови незаконски и криминални работи. Поради тоа, тие се наречени Чепинска мафија или Чепинската група. Во времето по завршување на српско-хрватскиот конфликт, оваа криминална структура соработувала со загрепската мафија, па затоа Чепинската мафија се смета за носител на организираниот криминал во Хрватска, но и пошироко на Балканот и нивното влијание оди длабоко во политичките, финансиските и полициските структури на оваа држава.

Историјата на кланот

Името на Баковиќ во полициските досиеја првпат се појавува уште во 1994 година, кога првпат е пријавен во полиција поради измама. Следните години, поради насилно однесување, полицијата го прибележува и апси за насилничко однесување, спречување службени лица во извршување на службената должност, противправни наплати, изнуди, лихварски договори, нанесување тешки телесни повреди, предизвикување сообраќајни несреќи со загинати лица, па дури и обиди за убиства. Поголемиот дел од овие дела за кои е пријавен во полиција не довеле до осудувачки пресуди, освен последната од 2009 година, кога е осуден на 3 години затвор, кога првенствено со ладно оружје, а потоа со раце претепал сопственик на фолклорен клуб. Тогаш на Баковиќ, покрај пресудата и казната затвор, му е одредена и задолжителна мерка за психијатриско лечење. Од затвор е излезен пред релативно брзо време.

Во времето кога е формиран, Чепинскиот клан го сочинувале десетина луѓе од населбата Чепин во градот Осиек, меѓу кои имало и воени доброволци. Главно, тие се занимавале со лихварство, уцени, рекет и слични активности. Поради тоа, првпат се уапсени во мај 1999 година, во спектакуларна полициска акција, во која учествувале огромен број припадници на специјалните служби во Хрватска. Тогаш се верувало дека криминалците од кланот конечно ќе завршат зад решетки, но таму останале само еден месец, за потоа да бидат пуштени, бидејќи обвиненијата за поголемиот дел од делата им биле отфрлени.
Како лидери на кланот се споменуваат повеќе различни криминалци од ова поднебје, како што се Стипе Баришиќ-Мољац и Драган Баковиќ-Бамбур, но и имињата на повеќе други криминалци, кои биле дел од криминалната структура, кои оттогаш и службено се сметаат за т.н. Хрватска мафија.

Трговија со недвижности

Низ годините криминалната групација, заедно со своите предводници, извршувала најразлични криминални дела и била под голем број полициски истраги. Тие лажно сведочеле за повеќе случаи и нивните домови безброј пати биле претресувани. Членовите биле поврзувани и со многу политички и финансиски афери, некои на државно, некои на локално ниво. Се смета дека нивните приватни броеви ги имале и некои високи државници, политичари, па дури и судии. Криминалните дејства во кои се вклучувале биле сè поголеми и поголеми, бизнисите сè понелегални и уделот сè посериозен. Во зависност од можностите за работа на црно или на криминалниот пазар, оваа група криминалци не избирала што работи, па, така, се случувало тие да тргуваат со жито, земјишта, па дури и со украдени градежни материјали и соработка со градежни фирми.

Големиот број градежни земјишта, недвижен имот и трговија со нив им станала главна дејност, но парите што ги заработувале ги вложувале во бизниси, кои ги воделе истакнати бизнисмени. Познато е дека членови од Чепинскиот клан ги переле своите црни пари преку изградба на големи објекти и трговски центри.
Во средина на 2012 година, имињата на Баковиќ и на Баришиќ се поврзуваат и со најразлични видови градежни малверзации, за Баришиќ да биде еден од главните осомничени, додека Баковиќ е сослушан како сведок.
Во поново време, само мал број од некогашните членови на Чепинската мафија е останат во криминалот. Некои од тие луѓе работат независно еден од друг, а некои имаат заеднички вложувања во бизниси. Освен Баковиќ и Баришиќ, кои своите пари ги вложиле на сигурно место, еден од другите истакнати членови на оваа криминална организација Стјепан Гаврановиќ-Мурѓо веќе со години се занимава со организација на лов и поседува врвно ловиште. Таму, во тајност доаѓаат многубројни угледни луѓе од најразлични страни на светот, кои во тајност, за големи суми пари, имаат право да ловат заштитени видови.
Кога се зборува за лидерите на кланот, Баришиќ и Баковиќ, тие во изминатите години уредуваат и водат луксузен хотел во Дубровник, кој е само еден мал дел од нивните многубројни недвижности.

Причина за апсењето

Драган Баковиќ-Бамбур е уапсен заедно со уште 6 лица во акцијата со име „Лигња“, под сомнение дека минатата година во април подметнал пожар во викендичката на државниот обвинител Радован Ортински на островот Брач. Се смета дека целата акција ја организирал Баковиќ, кој од јануари 2017 до мај 2018 година ги повторно ги собирал сите осомничени од кланот, кои доаѓаат од Сплит и Макарска во Хрватска, но и од други балкански земји како Босна и Херцеговина.
Ортински изминатите години е повлечен од јавноста, а како државен обвинител дејствувал од 2001 до 2002 година, кога и јавно говорел за поврзаноста на политичарите и мафијата. Исто така, водел и истрага против криминалната организација на Баковиќ, па затоа полицијата лесно го поврзала овој настан со еден од лидерите на Чепинскиот клан.
Ц.Х.