Тројца приведени и запленети 100 килограми марихуана по полициска бркотница

587

Во кооординирана акција на повеќе полициски оддели во текот на вчерашниот ден биле приведени три лица и запленети околу 100 килограми марихуана, по претходно добиени оперативни сознанија од истрагата во врска со камион во кој пред околу еден месец се транспортирала марихуана, а излетал на патот Скопје – Велес.

Како што информираат од МВР, на наплатната станица Сопот на автопатот „Пријателство“ од страна на полициски службеници бил направен обид да се запре автомобил „бмв“ со скопски регистерски ознаки управуван од Ј.Б., а како сопатник бил неговиот брат С.Б. од село Горно Блаце. Но, возачот не застанал и се обидел да избега, при што оштетил полициско возило и срушил метален столб на Јавното претпријатије за државни патишта.

По дополнително преземени мерки, автомобилот бил запрен и при тоа уапсени двете лица, а при извршениот преглед во возилото и во багажниот се пронајдени вреќи во кои имало околу 100 килограми марихуана.

Исто така, приведен е и М.И. од Визбегово, кој имал задача да го обезбедува транспортот на дрогата како т.н. „чистач“.

При претрес во домот на Ј.Б. е пронајдена една полуавтоматска пушка, за што исто така ќе биде поднесена кривична пријава.

Истрагата продолжува и се проширува и во координација со велешкото Основно јавно обвинителство, полицијата презема дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на инволвираност на други лица во вршење на кривичното дело.