Трговијата со луѓе вносен криминален бизнис

Според Федералното биро за истраги, трговијата со луѓе е третата криминална активност во светот. Секој може да биде жртва, а според Обединетите нации, дури 20 проценти од жртвите се деца

МОДЕРНО РОПСТВО

Можеби не ни се случува пред очи, можеби не сме нејзини сведоци, но трговијата со луѓе е раширен криминален бизнис. Според американскиот Стејт департмент, околу 24,9 милиони лица во светот се жртви на трговија со луѓе. Ова не е нешто што се случува само во некои темни улички само во еден град или населба, туку се случува насекаде низ светот, секојдневно. Трговијата со луѓе се смета за модерно ропство и се претпоставува дека денес постојат многу повеќе робови отколку во минатото.

Според Федералното биро за истраги, трговијата со луѓе е третата криминална активност во светот. Секој може да биде жртва, а според Обединетите нации, дури 20 проценти од жртвите се деца. Тоа е глобален проблем и нема држава што нема трговија со луѓе и не се среќава со ваквата појава. Најчести жртви се сиромашните луѓе, кои немаат пари да се издржуваат, кои немаат храна и покрив над главата.
Европските власти забележуваат драстично зголемување на бројката на лица што се жртви на таквата трговија. Според некои податоци, дури 71 процент што се регистрирани во базата на Европол се жители на Европската Унија.

Во светот, Судан, Северна Кореја, Венецуела и Сирија се само мал дел од државите каде што бизнисот цвета. Војната во Сирија, сама по себе, прави трговијата со луѓе беспрекорно да функционира. Тие што се таму, исплашени за својата иднина, лесно стануваат жртви. Во потрагата по подобар живот, оставени сами на себе, жителите на Сирија, вклучувајќи и голем број деца и жени, завршуваат во рацете на криминални групи или поединци што заработуваат големи пари од продажбата на овие лица.
Собрани Сиријци потоа се продаваат во соседните држави Јордан и Либан, каде што се принудени на проституција и служење во семејства. Друг проблем е тоа што жените жртви на овој криминал се принудуваат да се мажат за членови на ИСИС, каде што ги претвораат во робови и во сопствени сексуални работнички. Момчињата, пак, уште од шестгодишна возраст се користат за воени цели. Ги учат како да користат оружје и како да бидат бомбаши самоубијци.

Во Јемен најпогодени се децата. И таму се води долга војна, па во таквите услови, во оваа држава најмногу страдаат децата. Во 2017 година, податоците покажуваа дека дури 1,7 милион деца под 14 години се принудени на работа. Момчињата се принудени да просат и да работат во продавници, а девојчињата се продаваат во Саудиска Арабија, каде што ги вклучуваат во организирана проституција. Од страна на воените сили, момчињата исто така се користат и за воени цели, односно учат да станат војници.

Режимот на покојниот претседател на Либија, Моамер Гадафи, имал огромен профит од трговијата со луѓе. Откако тој беше убиен, состојбата не се смени. Жените, кои се најчесто жртви, се држат во заробеништво, се силуваат и се принудуваат на работа. Пред да бидат силувани, сосила им се даваат да пијат контрацептиви за да не забременат од силувачот.
Сомалија важи за една од најсиромашните држави во светот. Децата, мажите и жените се принудуваат на секаква работа, а најтрагично е што родителите се принудени да се откажат од своите деца и да им ги предадат на трговците со луѓе. Момчињата исто така се користат и од сомалиските власти за воени цели, па така ги учат како да бидат војници, бомбаши самоубијци, како и да поставуваат бомби.

Северна Кореја го има можеби најуникатниот начин на трговија со луѓе, која ја спроведува самата држава. Поради многу лошите услови за живот во земјата, луѓето доброволно пристапуваат да бидат робови, мислејќи дека на тој начин ќе се спасат од лошиот живот. Во оваа земја има принудни кампови за работа, каде што престојуваат од 80 до 120 илјади лица, а притоа тие лица не се затвореници туку сосема обични луѓе. Северна Кореја има од 110 до 120 илјади принудни работници во повеќе од 20 држави во светот. Режимот заработува огромни финансии од продажбата на тие луѓе. Се проценува дека од тие дејности парите што стигнуваат во државата достигнуваат повеќе од две милијарди долари на годишно ниво. Работниците се платени и добиваат само десет проценти надоместок за својата работа, и тоа откако ќе се вратат во Северна Кореја, по тригодишна работа во странство.

Огромен проблем со трговијата со луѓе има и Судан, бидејќи е транзитна земја. Тамошните бизнисмени купуваат луѓе од Етиопија, Кенија, Уганда и од Демократска Република Конго, со ветување дека ќе ги ослободат и збогатат, а потоа ги носат на вечно или доживотно ропство. Деца робови на десетгодишна возраст се користат како градежни работници и чистачи на чевли, се употребуваат за кршење камен и просење. Девојчињата, пак, се користат за проституција во хотелите, борделите и во рестораните.
Со падот на економијата во Венецуела во 2015 година, се зголеми и трговијата со луѓе. Од сите лица што се жртви, 55 проценти се возрасни, 26 проценти се мали девојчиња, а 19 проценти се момчиња. Се продаваат со ветување дека ќе добијат високоплатени работни места. Наместо тоа, се праќаат на Карибите, каде што работат како проститутки, работници за највалканите и најтешки работи или слуги во домови.