Титаник 2“ : Дума сведочеше како Ибраими ја сменил одлуката за прегласување во Струмица на локалните избори во 2013 година

331

На денешното рочиште за предметот „Титаник 2“ сведокот Виолета Дума, одговараше на прашања на обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи во врска со приговорите на гласачкото место 1727 во општина Струмица за локалните избори во 2013 година.

На прашања од обвинителката Фетаи дали виделе дека некој телефонски му се јави на Бедредин Ибраими за време на седницата на ДИК на која се одлучувало по приговор, Дума одговори дека му заѕвонил телефонот на Бедредин и оти тој рекол дека шефот го бара.

Дума додаде дека не го разбрала, бидејќи зборувал на албански јазик.

По разговорот со Бедредин се вратил во салата, по што се гласало за приговор од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Дума, пред разговорот Бедредин сметал дека приговорот е неоснован, односно дека тоа дека нема повреда, но потоа гласал „за“, како и членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето за приговорот на ВМРО-ДПМНЕ било 4:3. „Против“ гласале Виолета Дума, Борис Кондарко и Супхи Јакупи.

Вториот сведок на СЈО, Борис Кондарко во врска со приговорите за гласачкото место 1727 во општина Струмица рече дека не може да се сети на детали затоа што имало многу приговори за повреда на постапката при гласање.

– За општина Струмица не можам да се сетам сега дали имаше четири или шест приговори, рече Кондарко.

На прашање од обвинителката Фетаи дали се сеќава како гласа, Кондарко одговори дека гласал „против“ усвојување на сите приговори за Струмица, затоа што сметал дека се неосновани и нема докази.