Тешки кражби во две џамии во Тетово

189

Тешки кражби во две џамии во Тетово биле извршени од засега непознати сторители ноќта меѓу петок и сабота, информираше портпаролот на СВР тетово Марјан Јосифовски. 

Според неговите податоци во џамијата Гам – Гам што се наоѓа на улицата „Борче Кочовски“, зад зградата на Основниот суд во градот, сторителите насилно ја отвориле дрвената кутија поставена на оградниот ѕид и од неа одзеле околу 300 денари. Тие насилно ја отвориле и помошната дрвена врата од џамијата од западната страна и влегле во неа по што се обиделе насилно да ја отворат и просторијата на благајникот, не успеале, но ги отвориле просторијата на Советот на џамијата од каде ништо не зеле додека од просторијата за настава одзеле една торба.

Во истиот период непознати сторители од две метални и една дрвена каса поставени на оградниот ѕид од Шарената џамија во Тетово одзеле околу 1000 денари во разни апоени претежно метални монети.

И на двете места од тешките кражби полицијата извршила увид и работи на идентификување на сторителите и расчистување на случаите.