Опасноста од бегство на Јанакиески и Божиновски констатирана уште минатата година

228

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во денешното појаснување за притворот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски за случајот „Титаник“, истакнува дека опасноста од нивно бегство била констатирана од Кривичниот совет уште на 2. јули 2017 година.

– Во врска со Решенијата на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје со кои им се определени мерки притвор на обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, во рамки на предметот познат во јавноста како „ ТИТАНИК ”, ѝ појаснуваме на јавноста дека опасноста од бегство кај двајцата обвинети е констатирана од страна на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје со Решенијата донесени уште на 2-ри јули 2017 година кога на обвинетите им се определени мерки на претпазливост – одземање на патните исправи за преминување на државната граница и дипломатските патни исправи, како и обврска истите да се јавуваат секој работен петок во судот, се наведува во соопштението од СЈО.

На предлог на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, како што стои во соопштението, имајќи ги предвид сознанијата дека обвинетите планираат бегство како околности кои укажуваат на основана опасност за нивно бегство, констатира дека целите на мерките за обезбедување на присуство на двајцата обвинети во текот на оваа постапка не можат да се постигнат со дотогашните определени мерки на претпазливост, од кои причини донесе одлуки за изрекување на мерка притвор за двете лица, како неопходна мерка за непречено водење на кривичната постапка и обезбедување нивно присуство.

Јанакиески и Божиновски, по барање на СЈО, а по наредба на Кривичниот суд, беа приведени на 14 месецов. На двајцата им е определен 30-дневен притвор. Освен во „Титаник“ тие се обвинети и во други предмети на СЈО за кои се водат судски постапки.