СЈО бара повторно да се спои постапката за Јанкулоска во „Таргет Тврдина“

72

Со задоцнување од 40-ина минути поради недоразбирање во врска со одлагањето на терминот заради претходното судење за „Монструм“ почна денешното рочиште за предметот „Таргет Тврдина“ на СЈО. На судењето се присутни сите обвинети и нивните бранители.

Обвинителот Трајче Пеливанов од СЈО побара да се отповика претходното решение за раздвојување на постапката за Гордана Јанкулоска и повторно да се спои постапката, бидејќи Јанкулоска веќе се јавува на други рочишта и престанала причината заради која била раздвоена постапката.

Судот одлучи на наредното рочиште да донесе решение за повторното спојување на постапката за Јанкулоска и прво да ја почека одлуката на Апелација за Горан Грујоски.

Обвинителката Ленче Ристовска рече дека СЈО обезбеди голем број на материјални докази и искази на сведоци кои ја разрешуваат дилемата кој, на каков начин со кои средства и мотиви го вршел незаконското прислушување. Ќе докажат дека е сторено кривичното дело злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.