Судењето за убиството на Саздовски продолжува на 27 ноември

190

Судењето за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски продолжува на 27 ноември со сослушување на тројца вештаци. На денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци кои на 29 јуни годинава се нашле на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда и вујкото на еден од обвинетите.

На прашање на обвинителот Ангел Фидовски, сведокот Катерина Николоска рече дека на денот кога се случил настанот била на семафорите пред автобуската, каде поминувала пешачки премин и дека не го видела тепањето, туку само дека видела оти колата е „мерцедес ц-класа“. Додека се приближувала кон местото видела едно лице како трча накај „мерцедесот“, бил облечен во тренерки и патики, но не препозна никого во судницата кој личи на тоа лице. Николоска се присети дека кога стигнала на местото го видела Никола легнат до сандаче на ЕВН и до него имало девојка која го поткревала.

Бранителот на обвинетите Насер Рауфи ја праша Николоска зошто во исказот во ОЈ рекла дека Никола од падот од тепањето се удрил во сандаче на ЕВН, а сега вели дека тој бил подалеку од сандачето, на што сведокот рече дека била исплашена и растревожена и можеби го кажала тоа во ЈО, бидејќи била во заблуда оти во медиумите тие денови имало шпекулации дека оштетениот починал од удар во сандаче за струја, но нагласи дека е сигурна дека го видела подалеку од 30 сантиметри од сандачето за струја.

Третиот сведок, инаку вујко на еден од обвинетите, на прашањето на обвинителот какво возило има, рече дека има „мерцедес“ и на денот на настанот не бил кај него, бидејќи неколку дена пред тоа му го дал на зет му оти имал потреба од тоа. Возилото го управувал само зет му бидејќи му дал полномошно.

Првиот сведок, во претпладневниот дел на судењето во судница ги препозна Бесир Беља и Скендер Демири, кои според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.

– До мене беше сега покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав остајте го детето ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај колата „мерцедес“, а едниот го удри со нога на вратот. Ја запалија колата и отидоа, истакна сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.

Посочи дека се обиделе да го освестат детето, го вртеле на страна, но испуштил крв од уста. Повикале брза помош, но задоцнила, а кога дошла полиција дал изјава, посочи сведокот.

Претходно одбраната побара изземање на судијката Даниела Алековска Стојановска поради, како што рекоа, „селективно“ водење на записникот, но барањето беше одбиено од судот како неосновано.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.