Судењето за настаните во Собранието од 27 април продолжува утре

217

Во Кривичниот суд денеска, рочиштето за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, заврши со прикажување на видео-снимка од камера што се наоѓа во ходникот пред-прес-центарот во Собранието. Судењето продолжува утре.

На снимката од пред прес-центарот во Собранието се гледа како Сашо Тасевски од собраниското обезбедување, кој е сведок во случајот, стои со двете раце испружени напред, а кон него доаѓаат лица со фантомки. Меѓу нив се и обвинетите Никола Митревски-Кољо и Стефан Младеновски. Во меѓувреме доаѓа и Дејан Давидовски, кој е во бегство. По некое време се гледа како Тасевски го оттурнува Митревски, а Митревски го удира Тасевски.

Во холот се појавува и обвинетиот поранешен началник на МВР, Оливер Поповски, кој, како што истакна обвинителката Ивана Трајчевска, гледа што се случува и не презема ништо.

На снимката се гледа како толпа се обидува да влезе во прес-центарот. Дел од лицата се со фантомки.  Се гледа како Митревски стои прв и пробува да се пробие напред, но таму стојат лица од обезбедувањето.

Се забележува движењето на поголем дел од обвинетите меѓу кои и Митревски, Младеновски, Давидовски, Митре Питроповски, Горанче Ангеловски, Илија Славески, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Игој Југ, Вилијам Михајловски и Мунир Пепиќ.

Се гледа како едно лице паѓа, како што наведе обвинителката, тоа е началникот на собраниското обезбедување Александар Јанковиќ. Се прави гужва околу него.

При гужвата се забележува како Игор Југ се пробива напред кон вратите на прес-центарот, Симовски се оттурнува наназад, а Михаил Младеновски фрла со шише.

Се гледа како пред вратите на прес-центарот се туркаат припадници на собраниското обезбедување и лица со фантомки.

Обвинителката Трајчевска, наведе дека на видео-снимката се забележува и обвинетиот поранешен член на собраниското обезбедување Абдуљфета Алими, кој како што истакна таа, стои и гледа и ништо не презема.

Откако толпата ќе успее да влезе во прес-центарот, се гледа постојано движење. Дел од обвинетите влегуваат и излегуваат од просторијата, како и останатите присутни. Се гледа како еден период сите гледаат нагоре и сликаат и снимааат со нивните телефони.

Се забележува и комуникација меѓу обвинетите. Јане Ченто се поздравува со некои од лицата кои се влезени во Собранието.

При излегувањето лицата кои се наоѓаат во прес-центарот ги повикуваат останатите, што се во холот, да влезат внатре.

Се појавува и пратеникот Никола Тодоров. Се создава гужва околу него.

За случајот „27 април“ се обвинети уште 32 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.