Стразбур пресуди: Кичевскиот судија Билески бил незаконски лустриран

291

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на лустрираниот судија Драги Билески од Кичево во предметот против Република Македонија. Билевски беше лустриран во 2010 година, по 30 години судиски стаж, само една година пред да се пензионира.

Судот, во пресудата што ја објави вчера, утврди серија неправилности и незаконитости и потврди дека му биле прекршени човековите права на судијата кога бил прогласен за соработник на тајната полиција.

Во образложението пишува дека македонските судови не ги сослушале предложените сведоци и не појасниле зошто нивното испитување не придонело за утврдување на фактите оспорени од жалителот, туку „Управниот суд ги потврди фактите утврдени од Комисијата, потпирајќи се единствено врз документите против Билески“.

Судот наведе дека Билески бил лустриран иако не бил во архивите на УБК т.е. дека документите употребени против него не биле од архивите на разузнавачката служба. П.К. кој е авторот што обезбедил информации за трети лица, јасно изјавил дека ги изготвил записите за Билевски „според неговото толкување”.

Според пресудата на судот во Стразбур, домашните судови не можеле да донесат одлука без да ја земат предвид изјавата на сведокот П.К. кој не бил повикан лично да сведочи.

За нарачаната лустрација на кичевскиот судија, СЈО отвори предмет „Моќник“ против Антонијо Милошоски и уште 12 лица. Првиот човек на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, е осомничен дека делото го сторил под влијание на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој сакал да му се одмазди на Билевски.