Становите од опожарената зграда во Тетово без последници од огнот

198

Станарите од зградата број 75 на булеварот Илинденска во Тетово останаа живи и здрави, по пет речиси пет часа пожар, а материјалните штети имаат сопствениците на пет станови на најгорниот шести кат. Во становите поради тоа што изгоре покривот се уште тече водата користена при гаснењето на огнот, а дополнителен проблем се и новите врнежи од снег. Луѓето се обидуваат со најлони и други материјали да го покријат и сочуваат мебелот и покуќнината и да ги заштитат од водата. Изгорени се помошни простории кои се наоѓале под покривот каде настрадаа разни предмети како велосипеди, облека и слично што станарите ги чувале.

Авни Ибраими кој живее во зградата вели дека неговата ќерка која си играла пред зградата го видела огнот, па кажала дома и на соседите, по што било повикана пожарна. Ни го покажа станот во кој се вселиле пред осум години, каде што допрва треба да почне со вадење на мебелот и со чистење.

– Изгоре покривот што беше од дрва и од даски. Пожарот траеше пет саати, интензивно гореше од нешто по 16 часот, па се до 21 часот. Денес се качив да ја видам штетата и ситуацијата. Сите работи во станот треба да ги извадиме да ги ставиме на друго место – рече Ибраими.

Тој потенцира дека поради пожарот во прашање е доведена стабилноста на зградата, а посебно на најгорниот кат. Образложува дека се водат продрела во ѕидовите.

– Сметам дека треба да се провери цврстина на бетонската плоча на најгорниот кат. Исто така, на ѕидовите има пукнатини од сите страни, а водени линии се гледаат и на плочата, па затоа сметам дека е ослабната – рече Авни Ибраими, кој со трите деца и сопругата живее во еден од становите.

Зградата има шест ката и поткровје со помошни простории, со вкупно 30 станови. СВР Тетово соопшти дека пожарот е пријавен во 16 часот и 40 минути. Од општина Тетово соопштија дека пожарникарите го изгасиле околу 20 часот и 30 минути. Увидот се правеше во текот на четвртокот по што ќе се знаат точните причини за избувнувањето на огнот.