Со фалсификувана диплома станал полицаец, се запишал на факултет и го унапредиле во инспектор

1707

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ш. (38) од село Асамати, Ресенско, поради „фалсификување исправа“, казниво по член 378 став1 од Кривичниот законик. Според полицијата, ресенчанецот со фалсификувана диплома од средно училиште станал полицаец, по што се запишал и на Техничкиот факултет во Битола и напредувал во службата станувајќи инспектор. На овој начин остварил материјална корист од месечни примања – плата од МВР во период од над 16 години.

Тој во периодот од 17.06.2000 до 2002 година набавил лажна диплома за положен завршен испит во ЦСНО „Здравко Чочковски“ во Дебар – училиште за средно образование, ИВ степен-гимназиско општо образование во која биле внесени лажни податоци за број од главна книга, печат на дипломата, лажен потпис од директорот и лажни податоци за положени предмети и постигнат успех.

,,Исто така, набавил четири лажни свидетелства за завршена прва, втора, трета и четврта година средно образование со невистинити податоци за ученик, клас, издавач на сведителства и оценки за положени предмети во тие учебни години. Ваквата лажна диплома, ја употребил и приложил како доказ за завршено средно образование на објавениот конкурс во МВР во 2002 година за вработување на полициски службеници, каде бил примен на работа како полицаец и работел најпрво во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Ресен, а неколку години подоцна и во Полициската станица за граничен премин Стење при Регионалниот центар за гранични работи Запад.

А.Ш., лажната диплома за завршено средно образование повторно ја употребил при упис на Технички факултет во Битола, а во 2012 година и по трет пат при упис на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, каде дипломирал во 2014 година. Врз основа на таа диплома тој се здобил со повисока позиција – инспектор – Раководител на смена во Полициската станица за граничен премин Стење”, информира МВР.