Со изнесување на материјални докази продолжи рочиштето за „Трезор“

52

Со изнесување на материјални докази на Специјалното јавно обвинителство денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за „Трезор“, за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање.

На обвинителна клупа во Кривичниот суд се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешен шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.

Пред почетокот на денешното рочиште претседателот на судечкиот совет судијката Џенета Бектовиќ, извести дека обвинетиот Тони Јакимовски има поднесок за бришење на условната осуда.

Обвинетиот Сашо Мијалков од судот побара целосно изведување на доказите, односно да се чита целата содржина на доказите, за како што рече, да и стане јасно на јавноста за што се работи.

За случајот поднесени се над 900 материјални докази.

На претходното рочиште Судечкиот совет донесе решение на обвинетиот Горан Грујевски да му се суди во отсуство, со оглед дека Врховниот суд во Атина донел одлука против екстрадиција на обвинетиот и со истата е прекинат неговиот притвор и е пуштен на слобода. Во контекст на тоа Судот го зема во предвид и известувањето од СВР Скопје дека Грујевски не е достапен на органите на прогон.

Обвинетите во „Трезор“ се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.