Сослушани тројца сведоци во случајот „Насилство во Центар“

303

Тројца поранешни советници во општина Центар денеска беа сослушани како сведоци во предметот „Насилство во Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица.

Тројцата сведоци, кои тогаш биле советници во општина Центар од редовите на СДСМ, сведочеа дека на 10 јуни 2013 година имало организирано напад во општината од изманипулирана и организирана толпа на граѓани кои извикувале пцости и недолични зборови како „комуњари“, „кој ви дава право да рушите црква“, „кај си Андрејчо“….Според сведочењата, толпата фрлала шишиња, тврди предмети и јајца кон бараката каде се одржувала седницата на Советот при што биле искршени прозорци и скинати завеси, а со повреда во окото се здобила советничката Билјана Чурилова. 

Сведоците истакнаа дека меѓу точките од дневниот ред на петтата седница на Советот на Општина Центар немало точка за рушење на црквата „Св. Константин и Елена“.  

Во своите сведочења тие посочија дека полицијата била само нем набљудувач на настаните бидејќи кога било побарано од нивна страна да бидат заштитени, полицијата одговорила дека нема наредба да делува.

Тројцата сведоци меѓу обвинетите, кои денеска беа присутни на рочиштето, ги препознаа Даниела Рангелова, Александар Трајковски, Митко Пецев, Даниел Трифуновски и Дарко Стојчевски.