Сослушани тројца сведоци во раздвоената постапка за „Тенк“

52

Тројца сведоци кои учествувале во јавната набавка на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, беа сослушани на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, во раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Денешното рочиште од раздвоената постапка  за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи по пауза од час и половина поради мајчински обврски на обвинетата Јанкулоска.

Двајца од сведоците во 2012 година кога била спроведена јавната набавка биле вработени во МВР, додека третиот сведок бил вработен во Мак Ауто Стар.

Тројцата околу два часа одговараа на директни и вкрстени прашања од јавниот обвинител Стефчо Донев, адвокатката Сања Алексиќ и обвинетата Гордана Јанкулоска. Во исказите тие го објаснија спроведувањето на јавната набавка на блиндирано моторно возило, која била дел од Годишниот план за работа, тендерската документација, како и критериумите и евалуацијата на понудите.

Сведокот Ненад Николовски кој бил шеф на Одделението за менаџмент и јавни набавки во 2012 година кажа дека во ниту една постапка од 2012 година до денес не дозволил какво било влијание без разлика дали е од претпоставени, економски оператори и трети лица и доколку такво нешто постоело тој не би го прифатил и не би останал на работната позиција. Во својот исказ објасни дека јавната набавка била спроведена целосно во согласност со тогаш важечките законски одредби.

Денешното рочиште започна со задоцнување од 15-ина минути, бидејќи адвокатите Боро Тасевски и Сања Алексиќ присуствуваа на веќе започнатото судење за случајот „Насилство во Центар“ каде се бранители.

Судијката Кацарска по 10 минути од закажаниот термин за денешното рочиште и нареди на Јанкулоска да повика еден од нејзините бранители. – Ако за пет минути не дојде барем еден од вашите бранители, судот ќе им одреди висока парична казна и вас ќе ви назначи адвокат по службена должност и денешното рочиште ќе продолжи, рече Кацарска.

По задоцнување од 20-ина минути двајцата адвокати на обвинетата пристигнаа во судницата по што адвокатот Боро Тасевски се извини на судечкиот совет и побара поради други судења да биде ослободен од денешното рочиште. – Со оглед дека не се дозволува одлагање на рочишта кои се поклопуваат, а јас од физички причини не сум во состојба да присуствувам, писмено ќе го известам Судот и најверојатно ќе го повлечам моето полномошно, изјави Тасевски.

За попладневниот дел од рочиштето останува да бидат сослушани уште тројца сведоци.