Сопственикот на „Дурмо турс“ пуштен во домашен притвор

163

Првообвинетиот во судењето за трагедијата кај Ласкарци, сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули е пуштен на домашен притвор со гаранција.

Истата мерка ја добил и четвртообвинетиот Игор Ѓоргиовски, вработен во станицата за технички преглед. Мерката најверојатно е изречена минатата недела, кога Апелацискиот суд го потврдил позитивното мислење кое претходно го дал Кривичниот суд на барањето за домашен притвор. Одредена му е мерка на претпазливост, одземен му е пасошот, треба да се јавува редовно во суд, има забрана за приближување и контакт со оштетените и обвинетите, има забрана за преземање на работни активности и забрана за користење на сертификат од областа на транспортот.

Судењето продолжува и денеска. На денешното рочиште треба да сведочи вештак од ФЕИТ. Но, уште на самиот старт, адвокатите на одбраната го оспорија вештакот проф.д-р. Јосиф Ќосев, бидејќи тој не бил заведен како лиценциран вештак и побараа неговиот наод и извештај да не биде прифатен како вештачење.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа во која на 13 февруари загинаа 16 луѓе, обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.