Сопруги и сестри водат црни бизниси

Гриселда Бланко

Расте бројот на жени на високи функции во мафијата. Тие им се очите на уапсените наркошефови, сопруги што ја вршат работата. Одлични се во правењето стратегија, дури се и поостри од мажите, вели Гаетано Маручија, италијански полицаец

ЖЕНИ ВО МАФИЈАТА

Мажите се доминантни низ историјата на организираниот криминал. Тие во минатото само ги користеле жените во проституција, како живи штитови, како танчарки или слугинки. Коза ностра и Сицилијанската мафија функционирале на патријархален начин. Американските криминални фамилии биле исклучиво за мажи. Во филмовите за мафијата, жените претежно се мајки, домаќинки, сопруги, но никогаш не се дел од мафијата.
Како и да е, историјата веќе е сменета, изминатите неколку декади сѐ повеќе членови на мафијата се зад решетки. За да продолжат да им се одвиваат бизнисите непречено, мора да најдат помошници од доверба. Во Италија, каде што организираниот криминал не може да здивне од полицијата, се отворија нови можности за таканаречено вработување жени, кои работат како шефици и целосно ги заменуваат мажите во бизнисот.

Засилените антимафијашките акции на полицијата во Италија започнаа уште во 1980 година, со зајакнување на законските рамки. Построгите закони и апсењата на членовите на мафијата, предизвика наплив на жени во истата таа. Според податоците, во 1989 година италијанскиот суд осудил само една жена членка на мафијата, додека во 1995 година се осудени дури 89 жени. Мафијашите што ја одлежуваат својата казна во затвор, своите бизниси им ги довериле на сопругите или на сестрите. И покрај многу малиот процент на жени уапсени како дел од мафијата, тие контролираат неверојатна третина од финансиските извори. Жените во Италија учествуваат како шефици и во Ндрангета и Камора.
– Расте бројот на жени на високи функции во мафијата. Тие им се очите на уапсените наркошефови, сопруги што ја вршат работата. Тие ги држат сите алки во нивни раце. Одлични се во правењето стратегија, дури се и поостри од мажите – изјави Гаетано Маручија, италијански полицаец. Жените што го „пробија стаклото“ во мафијата имаат име и презиме. Нивните имиња засекогаш оставија печат во историјата.

Во американската гангстерска историја секоја листа на членови на мафијата не може да помине без Вирџинија Хил. Таа му била љубовница на Багзи Сигел, кој е најпознат по тоа што во казино во Лас Вегас го вовел коцкањето на големи влогови. Родена е во 1916 година, во првата генерација жени што се борат за своите права. На седумнаесетгодишна возраст таа го користела тоа што е жена, па почнала да работи како танчарка и проститутка. Нејзиниот живот драстично се сменил кога работела како келнерка во ресторант, каде што доаѓал Ал Капоне. Откако Капоне завршува во затвор, ја ангажира Вирџинија да се обложува во негово име за заработка од десет проценти од добивката. Имала задача и да ги манипулира мажите и да ги тера да се обложуваат на недобитни трки. Таа дури и рекетирала.

Откако го запознава Сигел, по некое време му се приклучува во матните обложувања во Лас Вегас. По неколку години станале сопственици на казино, но бидејќи партнерите на нејзиниот сопруг не биле задоволни од неговата работа ѝ наредуваат да го измами дека заминува во Париз, а токму тој викенд бил убиен. Таа за убиството дознава дури кога веќе била во Париз. Интересот на полицијата го привлекла како неплаќач на данок. Во 1950 година таа запознала и се омажила за скијач од Австрија, со кого имала едно дете. Бидејќи должела многу, била принудена да продаде сѐ што има за да може да го исплати долгот кон државата, но тоа не било доволно. Таа се преселила со семејството во Австрија, а поради тоа што истрагата против неа продолжила, таа во 1960 година се обидела да се самоубие, но нејзиниот сопруг ја однел навреме во болница. Како и да е, во 1966 година случаен минувач го пронашол нејзиното тело. Хил се самоубила предозирајќи се.

Гриселда Бланко, пак, е позната по ладнокрвното убивање и шверц на дрога. Таа како мајка на четири деца, за да се заштити, извршила повеќе од 40 убиства. Успеала да внесе значително количество кокаин од Колумбија во САД и поради тоа го заработила името Ла Мадрина. За да шверцува значително количество кокаин од Флорида во Њујорк, таа измислила специјална долна облека во која шверцерите пренесувале дрога. Откако ги убила тројцата свои мажи, луѓето ја нарекле и Црна Вдовица. Сакала да им нуди кокаин на млади девојки, а потоа истите тие им ги нудела на мажи. Родена е во 1943 година во Колумбија, а пораснала во семејство каде што постојано била малтретирана и злоупотребувана. Имала само единаесет години кога го извршила првото убиство.

Од кокаинот заработувала 80 милиони долари месечно, а била уапсена во 1985 година во Калифорнија. Иако добила доживотен затвор за неколку тешки дела, таа во 2004 година добила олеснување на санкциите и ослободување од затвор. Била депортирана во Колумбија. Во 2012 година Бланко била убиена од возач на мотоцикл, а во јавноста се шпекулирало дека убиецот ја егзекутирал на истиот начин на кој таа ги нарачувала убиствата за нејзините цели.

[email protected]