Се бара казна од 10.000 евра за поранешната директорка на кожната клиника

130

Скопското обвинителство денеска до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против поранешната директорка на ЈЗУ Клиника за дерматовенерологија, Нина Цаца Билјановска, која е обвинета за кривично дело – пренесување заразна болест.

Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност.

Билјановска на 29 февруари се вратила во државава од регион во Република Италија преку граничниот премин Табановце. Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на Владата согласно кои сите граѓани кои се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од ковид-19, особено од Република Иралија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјава. Исто така, со заклучоците, на сите вработени во државни и локални институции и претпријатија им беше наложено доколку во претходните две недели патувале или живеат со некој што патувал во земјите од среден или висок ризик за ширење на заразната болест, да не доаѓаат на работа и за тоа да ја известат институцијата каде работат.

Но, обвинетата, иако како здравствено лице била свесна за ризикот, продолжила со своите работни обврски на Клиниката, а на 7 март била присутна и одржала предавање на симпозиум од областа на дерматолошките болести, со што ги довела во опасност сите учесници, предавачи, организатори и вработените на Клиниката. На овој начин таа заразната болест им ја пренела на седум свои колеги пред самата да биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести со позитивен наод за ковид-19.

Во текот на претходната постапка, јавниот обвинител направи детални проверки и ја обезбеди целокупната релеватна медицинска и друга документација која беше неопходна заради утврдување на решавачките факти. Притоа, беа направени проверки и беше побарана и обезбедена документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, а беа преземени и други истражни дејствија​.