Секој втор ден има објава за исчезнато лице

631

Во Македонија за две години исчезнале 697 лица од кои 466 само во Скопје,но во полицијата немаат евиденција за тоа колку од исчезнатите се пронајдени или вратени

Низа исчезнувања на луѓе се случуваат во земјава изминатиов период. Особено во Скопје зачестија објавите на социјалните мрежи за исчезнати лица. Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи, за Скопје се издадени 272 објави за исчезнати лица во 2017 година, а во 2018 година до септември има 194 исчезнати лица. Од процените за 2018 година може да се заклучи дека секој втор ден исчезнува по едно лице. Доколку се пријави исчезнато лице, постапката прекинува тогаш кога ќе се пронајде исчезнатото лице или кога во одредени случаи ќе се пронајде тело на исчезнато лице, велат од МВР. Во изминатиов период имаше објави за исчезнување на млади момчиња меѓу кои и 23-годишно момче по име Кристијан, кој последен пат бил виден на улицата Водњанска во Кисела Вода. Овој случај имаше среќен крај, Кристијан по неколку дена се врати дома.

Лицата исчезнуваат од повеќе причини, а најчести, според податоците од МВР, се нарушени семејни односи, љубовни врски, здравствени проблеми. Во периодов интензивно се појавуваа содржини на социјалните мрежи за исчезнати постари лица.
– Изгубен е возрасен човек што страда од склероза. Се вика Пепи, последен пат е виден во Влае кај „Баду бар“. Човекот не е насилен, па семејството моли кој ќе го види, да го задржи и да му јави – гласеше објавата од семејството.

Семејството спроведуваше потрага низ населбите Влае, Ѓорче и околината со обид да го најдат изгубениот член од семејството. Сѐ почесто слушаме за исчезнати стари лица, кои најчесто боледуваат од деменција, а случајот на Пепи е само еден од нив. Во почетните фази од болеста, семејствата одлучуваат грижата за овие лица да се одвива во домашни услови бидејќи многу често им е тешко да прифатат дека нивниот член заборава, се надеваат дека тоа е минлива фаза и дека сѐ ќе биде во ред. На секој можен начин се организираат да му помогнат на лицето редовно да се храни, да ја одржува хигиената, да го исполнува времето. Преземаат безбедносни мерки за да се осигурат дали е изгасен шпоретот, дали испил терапија, да не оставил запалена цигара. Според стручњаците, проблемите настануваат кога оваа болест брзо напредува.

– Во почетните фази од болеста лицата имаат добра ориентација за простор и личности, се придржуваат до дневната рутина што ја имале: да одат на прошетка, да дружат со пријатели, да одат на омилени места и со задоволство го прават тоа. Сето тоа за семејствата е сосема прифатливо бидејќи лицето се враќа дома, се снаоѓа со новиот начин на организација и семејствата не се плашат лицето да го остават само дома. Она што е важно е дека понекогаш напредувањето на деменцијата се одвива многу брзо и дека не секогаш семејствата ги препознаваат новите промени за навремено да реагираат и да ги заштитат лицата што боледуваат од деменција. Најчесто во овој период се случуваат немили настани кога познатите места и патот до дома на лицето му изгледаат непознато. Семејствата се грижат за лицата во домашни услови до оној момент додека не се влоши состојбата. Кога ќе се појави агресија кај лицето, семејствата се немоќни да се справат со состојбата и се одлучуваат за сместување на блискиот во домовите за стари лица. Она што ни недостига како општество е едукација за деменциите, нови форми за згрижување, асистенција и третман на деменциите и психосоцијална поддршка на семејствата на овие лица – вели Јана Јанева, социјална работничка од здружението за поддршка и развој „Хуманост“.

Според експертите, потребно е граѓаните да се информираат како да ги препознаат симптомите на деменција и Алцхајмер за да се овозможи полесно лоцирање на ваквите лица за да може побрзо да се најдат, но и да се пропознаат. Исто така, тие сметаат дека има потреба за воведување сертифицирани персонални асистенти на лица со деменции и интелектуална попреченост и средби за психосоцијална поддршка на семејствата на корисниците.