Во „Рекет“ имаше една госпоѓа која влезе во филмот „Чарлиевите ангели“

512
Фото: Игор Бансколиев

Имаше еден филм „Чарлиевите ангели“. Имаше една госпоѓа која влезе во тој филм, влезе во мрежата на самопрогласениот естраден уметник… Ова го изјави обвинителката Вилма Русковска по денешното прво судско рочиште за предметот „Рекет“.

Таа рече дека го гледала оригиналниот филм „Чарлиевите ангели“, но не ја гледала македонската верзија од тој филм, кој се однесува меѓу другото и на обвинетата Катица Јанева.

Русковска рече дека очекувала уште признанија на вина. Шефицата на Обвинителството кажа дека се познава со мајка му на обвинетиот Бојан Јовановски уште од прво одделние, но со него, освен кога гостувала во „1ТВ“ и во ресторан на прославата на телевизијата, се нема видено и му нема давано никакви информации.

На прашањето дали е завршено вештачењето за да се утврди каде завршила торбата со парите, Русковска не одговори конкретно.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски. познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.

Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности. Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милевски договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.

Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милевски за противзаконско влијание. Тој призна вина на првото рочиште за предметот.