Разбојништвата во ЕУ намалени за 24 отсто, во Македонија речиси за 19 отсто

121

Повеќето европски истражувања покажуваат дека бројот на разбојништва низ годините опаѓа. Анализа на Евростат покажува пад на разбојништвата во земјите на Европската Унија во периодот од 2011 до 2017 година.
Според спроведените истражувања на Евростат, полициските анализи забележуваат пад на разбојништвата во ЕУ за 24 проценти. Во овој период се бележи намалување на разбојништвата – од 522 илјади тие паднале на 396 илјади. Наспроти ова, пак, забележано е зголемување од четири проценти на вкупниот број разбојништва во периодот од 2008 и 2011 година.

Според статистиката на Евростат, во 2017 година најголем број од овие кривични дела на 100.000 жители се забележани во Белгија, Франција, Шпанија, Англија и Велс (Велика Британија), како и во Португалија. На врвот на оваа листа е претставена Белгија, со 167 разбојништва. Исто така, истражувањето на Евростат покажува дека најниска стапка на разбојништва има во Романија, Естонија, Чешка, Кипар, Словенија, Словачка и други. Најнискиот степен на разбојништва е во Унгарија, со само девет разбојништва на 100.000 жители.

Состојбите во Македонија се малку поинакви. Гледано од аспект на стапката на кривичните дела разбојништва, во периодот меѓу 2011 и 2017 година има намалување од 18,7 проценти, поточно од вкупно 513 паднале на 417 разбојништва. Според податоците од нашето министерство за внатрешни работи, стапката на 100.000 жители за 2011 година изнесува 23, додека за 2017 година 20 разбојништва. Доколку се направи споредба со европските држави во однос на разбојништва по стапка на 100.000 жители, податоците на МВР покажуваат дека Македонија е многу поназад.

Исто така интересен податок претставува стапката за вкупниот број на кривичните дела тешки кражби, во периодот од 2011 до 2013 и од 2014 до 2017 година. Според бројките, може да се забележи дека по 2013 година иматенденција на намалување на овие кривични дела.

Поновите податоци што се изложени во годишниот извештај за 2018 година од страна на МВР покажуваат дека за 2018 година се извршени 10.788 тешки кражби, што исто така претставува намалување од четири проценти во однос на 2017 година.
Според најновите информациите од МВР, во периодот јануари – септември 2019 година исто така има пад на криминалитетот во однос на претходните години за тешки кражби и за разбојништва.

Од МВР тврдат дека преземаат не само репресивни мерки туку и превентивни, за да ги заштитат граѓаните односно да ги превенираат ваквите кривични дела.

– МВР во рамките на своите надлежности презема мерки и активности во насока на превенција и на едукација на граѓаните за кривичните дела. Инаку, по однос на превентивните активности, во сите сектори за внатрешни работи егзистираат одделенија за превенција што работат во согласност со сопствени планови и проекти кај сите видови имотни деликти. Тие, исто така, а во тесна соработка со локалните совети за превенција, во рамките на редовните средби и комуникација со претставници на локалните власти и граѓаните во локалните средини, подготвуваат заеднички проекти за запознавање, информирање и едукација на граѓаните околу сите аспекти важни за заштита на нивниот имот и материјални добра, особено во периодите на летните и зимските одмори и празници – наведуваат МВР.


Разбојништво

Ова кривично дело во Кривичниот законик е систематизирано во поглавјето на кривичните дела против имотот. Како сложено кривично дело, во себе ги има елементите на насилство преку употреба на сила и закана, одземање подвижни предмети, организираност, масовност, намерата за користољубивост… Објекти што се најчесто цел на разбојниците се менувачниците, банките, бензинските пумпи, златарските продавници, угостителските и трговските објекти, при што на жртвите на разбојништво често им се нанесуваат повреди. Во извршувањето на кривичните дела, разбојниците, како по непишано правило, користат маскирни капи т.н. фантомки на своите глави, оружје, како и однапред подготвено превозно средство за побрзо напуштање на местото на инкриминираниот настан.

Член 237
(1) Тој што со употреба на сила или закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на друг ќе одземе туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои, ќе се казни со затвор најмалку една година.
(2) Ако вредноста на одземениот предмет е од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.


Кривични дела 2018 година 2019 година
кражба 4.962 3.337
тешка кражба 10.788 6.797
разбојништво 383 233
разбојничка кражба 53 34
Табеларен приказ на покарактеристични кривични дела од областа на имотните деликти
Извор: МВР


Грабеж во аптека во Капиштец

На социјалните мрежи се појави снимка на која може да се види како се одвива грабеж во една аптека. Лицето што го поставило видеото наведува дека станува збор за аптека во Капиштец. Од снимката се гледа како маскирано лице влегува во аптеката, вади огнено оружје и го вперува кон двете вработени за да одземе пари. Откако ги добива, тој набргу излегува од објектот.
Од Министерството за внатрешни работи го потврдија настанот, за кој информираа дека се случил минатиот петок, околу 17.45 часот. Веднаш по настанот, од аптеката во трговскиот центар било пријавено дека едно лице со заканило со пиштол, извршило разбојништво и од вработените одзело пари. СВР-Скопје презема мерки за расчистување на случајот.