Разбиена криминална група која шверцувала дрога во македонски затвори

318
Фото: Илустрација

Криминалистичката полиција во соработка со СВР Скопје, поднесе кривична пријава против 27-годишниот А.М. од Дебар, поради сомнение за сторено продолжено кривично дело, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Покрај него, осомничени се и Р.А.(35) од прилепското село Житоше, инаку затвореник во прилепскиот затвор, Г.Х.(42) од Албанија, Ф.П.(29), М.Ѓ.(29), В.М.(34), тројцата од Скопје и П.Ѓ (32) од Дебар, затвореник во затворот во Струга.

Како што информираат од МВР, на 16 ноември, албанскиот државјанин пренел дрога од Албанија на македонска територија, и во Дебар му ја предал на 27-годишниот А.М., кој пак, по претходен договор со неговиот сограѓанин П.Ѓ., ја префрлил преку оградата на затворот „Теферич“ во Струга.

По извршен полициски претрес во собата каде П.Ѓ. издржувал казна затвор поради недозволена трговија со дрога, била пронајдена марихуана, семки од растението канабис, мобилен телефон и сим картичка, со што било утврдено дека П.Ѓ. повторно го извршил кривичното дело.

По преземени мерки било утврдено дека 35-годишниот Р.А. од прилепско Житоше во ноември од лице од Албанија ја набавил марихуаната, по што во комуникација со дебранинот А.М. се договорил да ја пренесе преку зелениот појас на државната граница.

На 22 ноември, 27-годишниот А.М. дрогата ја предал на 29-годишниот Ф.П од Скопје.

Потоа, на 25 минатиот месец прилепчанецот и дебранецот ја продале на струшкиот затвореник за сума од 3.000 евра.

На 26 минатиот месец на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, полициски службеници сопреле возило, управувано од В.М., во кое бил и М.Ѓ. и при преглед на истото била пронајдена марихуана и неколку мобилни телефони.

Истиот ден бил извршен претрес во викенд куќа во селото Моране, сопственост на М.Ѓ., каде биле пронајдени и одземени килограм марихуана и пиштол калибар 8 мм без рамка.