Разбиена група нарко дилери, запленета дрога во Скопје

1226

Полицијата денеска приведе четири лица осомничени за продажба на марихуана. Од МВР соопштија дека постојат докази дека се вмешани уште две лица, по кои се трага.

Според информациите на МВР, околу 11.45 часот на бул. Борис Трајковски во Скопје запрено е возило „џип“ со скопски регистерски таблички, управувано од В.М. (34) од Скопје, а како сопатник бил М.Г. (29) од Скопје и при извршениот преглед се пронајдени 3,5 килограми марихуана.

Од преземените дополнителни мерки и активности утврдено е дека организатор на нелегалната продажба е А.М. (27) од Дебар, кој заедно со Ф.П. (29) од Скопје договарале купопродажба на дрогата на паркинг на булеварот Кочо Рацин.

Во 12 часот во близина на Железничката станица во Скопје приведен е А.М. и при извршен преглед кај него пронајдени се 70.500 денари и 1.800 евра кои ги добил за продажбата на дрогата. Подоцна бил приведен и Ф.П..

Во истрагата се обезбедени докази за инволвираност во кривичното дело и за уште две лица: Р.А. (35) и П.Ѓ. (32).

По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.