Прошетката по Врбјанска Чука како по Месечината

358

Ако навистина сакате да чекорите во сондата, летово можете да нè посетите додека ја ископуваме Врбјанска Чука. Можете да си земете и скафандер, а се надеваме дека дотогаш маски нема да ви требаат. Во меѓувреме, уживајте чекорејќи низ 3Д-презентацијата, порачуваат од Центарот за истражување на предисторијата

Виртуелна презентација во деновиве на пандемија доби и неолитскиот локалитет Врбјанска Чука, кој се наоѓа во Пелагонија. Раководителот на тамошните истражувања, археологот Гоце Наумов, им порачува на љубопитните дека доколку сакаат да чекорат по Месечината не мора да патуваат до неа, единствено треба да влезат во 3Д-моделот на овој локалитет и виртуелно да прошетаат меѓу остатоците од неолитските градби во археолошката сонда, со напомена дека е „исто како и на Месечината“.
– Ако навистина сакате да чекорите во сондата, летово можете да нè посетите додека ја ископуваме Врбјанска Чука. Можете да си земете и скафандер, а се надеваме дека дотогаш маски нема да ви требаат. Во меѓувреме, уживајте чекорејќи низ 3Д-презентацијата што ја изработијa „Пенелопа“ и нејзиниот тим од „ВиАр-порт“ – истакна Наумов од Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП).

Тој потсетува дека една од целите на овој центар е да промовира и да примени современи методи за истражување и презентација на движното и недвижното културно наследство. Тоа и го применуваат и при истражувањата на овој локалитет, каде што покрај стандардните археолошки методи, прават геомагнетно скенирање, радиокарбон, археоботанички, зооархеолошки, изотопски, геоархеолошки и липид-анализи, како и функционални анализи на алатките и архитектурата. Исто така, ги ползуваат и новите технологии во проучувањето и презентацијата на културното наследство, така што досега вршеа 3Д-скенирање на целиот локалитет и 3Д-моделирање на некои од артефактите откриени на него, додека резултатите од геоскенирањето ги искористиле за идеална реконструкција на целата неолитска населба.

– На тој начин, овозможуваме локалитетот и неговата материјална култура да се проучуваат преку софтверски генерираните слики, што овозможува детален и идеален увид во неолитските остатоци, дури и кога сме надвор од локалитетот или музејот каде што се чуваат овие предмети. Тоа, наедно, е и можност за сите заинтересирани љубители на минатото виртуелно да прошетаат низ локалитетот или да ги разгледуваат наодите, поради што овие презентации се достапни онлајн и слободни се за користење. Ваквиот пристап придонесува и кон подобра заштита на локалитетот и наодите, кои може да се посетуваат и да се гледаат без да се вршат оштетувања на нив. И ние како истражувачи еднакво ги користиме овие 3Д-модели, бидејќи на тој начин се навраќаме на одредени археолошки контексти во сондата или, пак, анализираме одредени детали на наодите.

Поради тоа, и ние археолозите работиме од дома и го проучуваме она што се наоѓа на теренот, исто како и археоботаничарите, геоархеолозите или зооархеолозите од нашиот тим, кои софтверски ги проучуваат добиените сознанија од анализите на примероците – вели Наумов.
Во таа смисла, големиот истражувачки тим на Врбјанска Чука (сочинет од претставници на ЦИП, од Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј-Прилеп, Универзитетот во Базел, институтот „Биосенс“, Шпанскиот истражувачки совет, Универзитетот во Келн, компанијата „ВиАр-порт“ и други), и покрај тоа што како и многумина е принуден да работи од дома, мошне е активен и во постојана комуникација во рамките на она што може условно да се именува како виртуелна археолошка лабораторија. Како резултат на ваквата работа, наскоро треба да биде приложен и научен труд во европско списание со импакт-фактор, кое ќе ги публикува новите сознанија.

Наумов испрати и два линка од 3Д-моделот на еден антропоморфен модел од Врбјанска Чука, како и линк до веб-сајтот на локалитетот, кои исто така може да се погледнат и да се види дел од некогашниот, чудесен неолитски свет во земјава: https://sketchfab.com/3d-models/anthropomorphic-model-of-a-house-ef5d137e149d409 faf2 35f97b398 7154 и http:// www.vrbjanska.cip-cpr.org/za-lokalitetot.html. Минатата година при истражувањето на овој неолитски локалитет беа добиени нови податоци за архитектонската комплексност на населбата, при што беа регистрирани повеќе фази на градење на станбените и на стопанските објекти во период меѓу 200 и 250 години. Материјалната култура покажа непречен континуитет во производството на садови, фигурини и алатки, кои го потврдуваат стабилниот развој на населбата и на нејзиното население.