Пропусти направиле и чувари и раководители

306
Листата на оние што ќе понесат одговорност може да се прошири Фото: Игор Бансколиев

Засега за единаесет лица од затворот во Шутка се утврдени пропусти во постапувањето и се поведени дисциплински постапки, за минатонеделните инциденти со притворените поранешни министри Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, кои беа физички нападнати во два одделни случаја. Директорот на затворот, Ѓоко Котевски, ги доставил до Владата оставката и извештајот за инцидентите. Ќе се бара одговорност од чуварската служба, но и од раководни лица во затворот, кои направиле низа пропусти во работата

Засега за единаесет лица од затворот во Шутка се утврдени пропусти во постапувањето и поведени се дисциплински постапки, за минатонеделните инциденти со притворените поранешни министри Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, кои беа физички нападнати во два одделни случаја. Директорот на затворот, Ѓоко Котевски, ги доставил до Владата оставката и извештајот за инцидентите. Владата на седница го констатира поднесувањето на оставката од страна на директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, и бидејќи таа е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, ќе се разгледува по завршувањето на изборите, односно штом ќе заврши забраната за разрешување и именување во согласност со Изборниот законик.

Во извештајот биле забележани потешки и полесни прекршоци на вработени во казнено-поправната установа, односно биле наведени направените пропусти поради кои дошло до инцидентот. Ќе се бара одговорност од чуварската служба, но и од раководни лица во затворот, кои направиле низа пропусти во работата. Дали ќе се прошири листата на лица што ќе понесат одговорност за настанот останува допрва да се види. Јанакиески и Ристовски беа притворени минатата среда како осомничени за организација на нападот на 27 април 2017 година.

Во извештајот било наведено дека се детектирани пропусти во протоколите за постапување, а исто така и не се постапило според протокол, всушност имало пропусти во постапувањето при изведувањето на притворените лица од собите. Исто така не бил извршен рачен претрес на просториите што, пак, им овозможило на притвореници да чуваат недозволени предмети, мобилни телефони, како и предмети со кои може да се предизвикаат физички повреди.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера не сакаше да ни открие други детали од извештајот, информирајќи нѐ дека официјална комуникација ќе има во текот на денот.

Вчера не успеавме да исконтактираме и со Васка Бајрамовска, од канцеларијата на народниот правобранител, која, пак, претходно јавно кажа дека покрај присуството на наркотици кај учесници во инцидентот, се утврдени низа пропусти, меѓу кои и во начинот на кој притворените лица се извадени на шеталиштето. Посочи на начинот на кој е извршен прегледот по нападите, односно упатувањето до институцијата надлежна за дополнителни испитувања, за процена на безбедносниот ризик при правењето распоред за прошетки на лицата.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, завчера соопштија дека го чекаат извештајот од затворот „Скопје“ и од Управата за извршување санкции околу инцидентот и оти доколку е потребно ќе постапуваат.

– Чекаме да заврши внатрешната истрага, бидејќи затворот и управата се задолжени за внатрешното обезбедување и врз основа на тие извештаи доколку имаме наредба за какво било постапување ќе постапиме – рече министерот Оливер Спасовски, на завчерашната прес-конференција.

Од истражниот затвор „Скопје“ во соопштение ја известија јавноста дека директорот на затворот Ѓоко Котевски и формално ја поднел својата оставка до Владата, но тој вчера откако ни рече дека е на состанок, потоа не се огласи на својот мобилен телефон, иако неколкупати се обидувавме да го добиеме.

– Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбедување – наведено е во соопштението од истражниот затвор испратено до јавноста.

Направените пропусти го овозможиле првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен и вториот вербален, а потоа и физички инцидент, и покрај можноста за превенција.

Нападите врз поранешните министри се случија за време на прошетката во затворските дворови. Нападите врз нив најнапред започнале со вербална расправија, а потоа и со физичка пресметка со осудениците Есад Кафеџоли и Лирим Красниќи, членови на терористичката група од кумановско Диво Насеље. Двајцата притвореници, Јанакиески и Ристовски, се жалеа на потешки повреди по инцидентите, но лекарските прегледи покажаа дека тие немаат посериозни повреди и беа вратени во нивните ќелии. По инцидентот во затворот, Јанакиески беше пуштен во куќен притвор, а Ристовски остана во притвор.

Веднаш откако се случи инцидентот во затворот во Шутка се огласи и народниот правобранител, кој нагласи дека очекува надлежните органи да ги преземат сите мерки за расчистување на овој настан и да утврдат дали од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби соодветно се реагирало и следствено да се санкционираат лицата, кои имаа обврска да превенираат и да спречат насилство. Народниот правобранител отвори предмет за случајот по сопствена иницијатива. Екипи на народниот правобранител, како што најавија, влегоа во затворот „Скопје“ и темелно го истражуваа целиот случај, за што ќе обезбедат целосна документација.

Исто така разговараа со лицата што учествувале во инцидентот, со очевидци, службени лица и извршија увид на местото на настанот. Народниот правобранител покрај сите овие активности обезбеди и видеоснимки од камерите за надзор. Претставниците на канцеларијата на народниот правобранител на распит го повикаа и директорот Ѓоко Котевски.

По настанот во затворот во Шутка, народниот правобранител во соопштение потсети дека ваквите настани ги потврдуваат неговите повеќегодишни и континуирани укажувања за сериозноста на проблемите во затворскиот систем од секаков аспект: материјален, кадровски, безбедносен, здравствен, образовен и слично.


Само една камера на шеталиштето

Веднаш по инцидентот од Управата за извршување санкции биле во затворот „Скопје“ и ги прегледале снимките од двата настана. Но велат дека шеталиштето е огромно и оти има само една камера и не се гледа докрај, а настаните се случиле далеку од камерата. Додаваат дека секој затвореник шета на најблиското шеталиште до неговата соба. Инцидентите се случиле на две различни шеталишта во различни термини.
– Ние во нашиот извештај можеме да го кажеме само она што го видовме со свои очи при посетата на затворот. Од прегледот на снимките и другите информации што ги обезбедивме ги направивме препораките. Но не сме го виделе извештајот на директорот на затворот, што го испратил до Владата. Неговиот извештај веројатно е обемен, стои сѐ од минута на минута што се случувало, додека нашиот е поповршен. Ние не можеме да ѝ дадеме детали на јавноста од внатрешната организација. Нашите извештаи ќе ги доставиме до Владата за запознавање со состојбите, односно официјално ќе го достави министерката – велат од Управата за извршување санкции.