Пронајдени 27 килограми марихуана, приведени две лица од Албанија

76

Полицијата пронашла 27 килограми марихуана во автомобил кај селото Кажани, на патот за битолското село Ѓавато. Уапсени се две лица, возачот и сопатник на возилото, двајцата државјани на Албанија.

– На 08.12.2019 полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад и Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Охрид, по претходно добиени оперативни сознанија, кај с.Кажани – на патот за село Ѓавато, битолско, запреле патничко возило „опел вектра“,управувано од М.В.(43) од Албанија, а како сопатник бил Т.М(36) од Албанија. При преглед на возилото, полициските службеници пронашле и одзеле две торби со 27 пакувања марихуана со тежина од околу 27 килограми. Марихуаната била наменета за транспорт во Грција – соопшти МВР.

Лицата биле приведени во Полициската станица Битола и по целосно документирање на настанот, до Основното јавно обвинителство Битола, ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик на Северна Македонија.