Пронајдени дрога и оружје во бункери во Сингелиќ

432

Поголема количина хероин и кокаин и два пиштола се откриени во полициска акција во Сингелиќ, Скопје. Дрогата била скриена во бункери, а приведено е едно лице.

Според информациите на МВР, вчера полицијата извршила претрес во дом и други простории на Е.М. (27) од Сингелиќ, Скопје, за кој имало сознанија дека се занимава со купопродажба на хероин и кокаин на подрачјето на Скопје и во градови во источниот дел од државата.

При претресот во специјално направени бункери се пронајдени околу четири и пол килограми хероин, спакувани во повеќе пакувања со разна големина и околу еден килограм кокаин, исто така распределен во повеќе пакувања, наменети за продажба.

При претресот се пронајдени и два пиштола со речиси 200 куршуми. Е. М. е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.

Министерството за внатрешни работи најави дека ќе продолжи со континуирани активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и на другите видови криминал.