Продолжува судењето за Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски

177

Судско рочиште за предметот кој се однесува на невладината организација Меѓународен сојуз – Скопје на Бојан Јовановски, денеска треба да се одржи во Основниот суд во Скопје.

Предвидено е обвинетите Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, Фросина Ременски, асистентката на Јовановски Христина Блажевска и неговиот татко Миле Јовановски да се произнесат за вина. Невладината организација е обвинета и како правно лице.

Јовановски и Ременски побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска од овој предмет, на првото рочиште одржано на 1 јули. За ова барање денеска треба да се произнесе републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Јавното обвинителство претходно соопшти дека со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Обвинителството тврди дека обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови.

Судии во овој случај се Софче Гаврилова-Ефремова и Васка Николовска-Масевска, истите судијки кои го судеа случајот „Рекет“, каде Бојан Јовановски беше осуден на девет години затвор, а поранешната шефица на СЈО Катица Јанева доби казна од седум години затвор.