„Јас денеска немам што да кажам”, рече Блерта Поцеста штом започна денешното рочиште. Таа е обвинета за повеќекратно убиство и е притвореничка во истиот затвор како и Ангела Ѓорѓиевска која е обвинета во случајот на убиството на Пинета Секондо.

Блерта беше спроведена во Кривичниот суд како сведок по барање на обвинителката Лидија Раичевиќ. На прашањето на обвинителката, дали Блерта не сака да сведочи поради тоа што се плаши.

Блерта одлучно одговори: „не”.

„Нема да го повторувам тоа што го кажав кога одговарав кај јавен обвинител”, рече Блерта. Единственото прашање на кое даде одговор е дека е сместена во собата Г12 во затворот.

Одбраната како сведоци ги предложи притвореничките Анита Малик и Рабие Емине.

Адвокатот на обвинетата, Еленко Миланов, предложи да се вештачи телефонот на Блерта Поцеста бидејќи според неговите сознанија, така би се докажала комуникација меѓу Блерта и оштетената во случајот.

Обвинителката Раичевиќ реагираше дека тврдењето на адвокатот дека притвореничката поседува телефон во КПУ затворот Скопје, е спротивно на деловникот на установата.

– Барам ваквата фактичка состојба и опис да се констатира како нешто на што Јавното обвинителство и Судот да преземат мерки. Доколку е точно дека директорот или тие што ја обезбедуваат и обезбедиле телефон, да се утврди тоа лице – реагираше обвинителката.

„Факт е дека Блерта поседувала телефон во затворот и тој и бил одземен”, одговори адвокатот Миланов.

Обвинителката, адвокатот и судијката се согласија дека тоа е недозволиво и е во надлежност на други органи.

Додека тие се чудеа како притвореничките имаат мобилни телефони во притворот „Шутка“, обвинетата Ангела ја објасни шемата на притвореничките за да си ги кријат телефоните од стражата при претеси.

– Јас кога го зедов телефонот на Блерта прво го проверив и најдов два броја, од оштетената Маја и од сведокот Марија Вера. Имам и сведоци дека тие броеви се видени – рече Ангела.

Судијката Ленка Давитковска предложи кратка пауза по која судењето ќе продолжи.

Пино беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.