Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од МВР тврдат дека со самото присуство на униформираните полициски службеници на позорните реони е зголемена безбедноста на граѓаните, намалени се нарушувањата на јавниот ред и мир и намалени се извршувањата на кривичните дела

Обиени подруми во станбени згради, украдени велосипеди од влезови, вандализам на детски игралишта, на садови за отпад, клупи и многу други непријатности се случуваат по градските населби. Сега ќе има многу помалку пакости во опкружувањето на граѓаните кога на нивната улица почесто ќе го гледаат полицаецот позорникар, таканаречениот маалски заштитник, каков што го паметат од порано и повозрасните генерации. Маалскиот полицаец, кој сите го познаваат и почитуваат, а го побараа граѓаните, Министерството за внатрешни работи реши да го врати не само во градовите туку и во некои рурални средини. Најпрвин овие полицајци се појавија во Општина Куманово, во февруари 2018 година, кога првпат беше промовирана Позорната служба со 70 позорникари распоредени во 17 реони, а потоа проектот продолжи во Штип, Битола и во други градови во земјава. Како што кажа тогаш министерот Оливер Спасовски при промовирањето на службата во Куманово, станува збор за служба што е од исклучителна важност за полициското работење. Но овие полицајци се од уште поважно значење за граѓаните, за нивната безбедност и сигурност. Позорната служба е значајна во делот на превентивното работење, зближувањето со граѓаните, познавањето на средината во која работи позорникарот и градењето на врската полицаец – граѓанин.

– Генерално се согласувам со присуството на полицајците позорникари. И со други кумановци сум разговарал и нашиот заеднички заклучок е дека откако се присутни се чувствуваме посигурни кога ќе ги видиме на улиците. Сега поради полицискиов час не можеме да го видиме нивното присуство во ноќните часови, но дефинитивно е добро да ги има. Ми се допаѓа да има поголемо присуство на полицијата и во некои рамки се гледа тоа, а тоа влева чувство на сигурност кај нас граѓаните, бидејќи не е убаво ако ги нема. Јас се сеќавам на присуството на позорникарите порано во едно друго време и тогаш се чувствуваме побезбедно. Така е и сега, нема од што да се плашиме, бидејќи кога ќе се види униформирано лице чувството е поинакво, дава на знаење дека има кој да се грижи за законитоста и безбедноста – вели Дејан Стојановски од Куманово.
Од клучно значење за граѓаните е да живеат во безбедни градови, безбедни населени места, безбедни улици и затоа им беа потребни позорникарите, кои ќе бидат во постојан контакт со нив. Граѓаните ќе ги познаваат во делот каде што ќе се движат, а ќе можат да им се обраќаат за сите нивни потреби и негативни појави што се случуваат во нивните места на живеење. Искуствата на граѓаните по тригодишно постоење и дејствување на овие полициски службеници во градовите каде што работат се позитивни, но намален ли е криминалот поради нивното присуство и колку граѓаните имаат соработка со маалските пријатели заштитници.
– Во сите сектори за внатрешни работи е воспоставен реонски метод на работа во согласност со Правилникот за начинот на вршење на полициски работи и „Правила за организацијата и начинот на работа на безбедносниот реон во полициска станица од општа надлежност“, при што на подрачјето што го покриваат полициските станици во зависност од проблематиката, површината, бројот на населението и географските карактеристики се дели на територијален принцип, односно на повеќе безбедносни реони, кои се делат на два или повеќе позорни односно патролни терени, чија поделбата се предвидува со Елаборатот на полициската станица од општа надлежност.

Во согласност со стратегијата на Министерството за внатрешни работи за пополнување со униформирани полициски службеници сите полициски станици од општа надлежност континуирано последните неколку години добиваат нови полициски службеници, со што се пополнува недостигот од униформирани полициски службеници во сите полициски станици од општа надлежност за што треба со пополнување на полициските станици во целост да функционира реонскиот метод на работа и ќе може да се обезбеди целосно покривање на позорните терени во текот на 24 часа – рекоа од МВР.

Размена на информации и соработка помеѓу позорникарите и граѓаните

Позорникарите се постојано на терен, а штом граѓаните ги забележат, нивното присуство им влева поголема безбедност и им дава можност да разменат информации. Надлежните велат дека функционирањето на позорната односно патролната дејност се врши во смени по претходно изготвен распоред за работа, во согласност со подзаконските акти што ја уредуваат оваа материја на подрачјето на сите полициски станици од општа надлежност во сите сектори за внатрешни работи. Првенствено се дејствува превентивно со што се попречува извршувањето на прекршоци и кривични дела на позорните реони во градовите и руралните средини. Со самото присуство на униформираните полициски службеници на позорните реони, тие тврдат дека е зголемена безбедноста на граѓаните, намалени се нарушувањата на јавниот ред и мир и намалени се извршувањата на кривичните дела.
– Соработката помеѓу униформираните полициски службеници и граѓаните континуирано се зголемува, граѓаните имаат поголема доверба во полицискиот службеник позорникар, со самото присуство на униформираните полициски службеници на позорните реони и преку спроведувањето разни проекти од областа на превенцијата секојдневно се зголемува довербата на граѓаните во полицијата. Реакцијата на граѓаните за полицајците позорникари по известување на секторите за внатрешни работи е позитивна, со искажување задоволство од нивна страна за присуството на униформираните полициски службеници позорникари на нивните улици со што се враќаат довербата и сигурноста на граѓаните, а со тоа е зголемена соработката помеѓу граѓаните и полицијата – истакнаа од МВР.

Според одговорните од ресорното министерство, реонската работа на полицијата е од суштинска важност и претставува основа во организациската работа на полицијата, што обезбедува добро познавање и следење на безбедносната состојба на подрачјето на полициската станица од општа надлежност, ефективно работење на сите извршители и нивна зголемена одговорност за безбедносната состојба во својот делокруг на работењето, воспоставување однос со граѓаните што се гради врз принципите на доверба и заемно почитување. Реонскиот метод на работа обезбедува поттикнување на познавањето на специфичноста на работната средина, зголемена комуникација помеѓу полицијата и населението, размена на информации што ќе бидат во функција на безбедна средина, поттикнување зголемено учество на населението во проекти и програми од областа на превенцијата, вклучување на заедницата во работата на полицијата, превенција на криминалот како клучен приоритет, подобар углед на полицијата што ќе се базира на изградена доверба и почитување, градење високи стандарди на професионален интегритет.