Приведен малолетникот кој на социјалните мрежи сподели видео како предизвикува пожар на јавна површина

144

МВР соопшти дека е приведен малолетникот кој пред десетина дена на социјалните мрежи објави видео како пали оган на јавна површина. Тој е идентификуван како 17-годишен жител на скопското село Мојанци, како и дека местото каде што се снимил како пали оган се падините на блиската шума над село Мојанци.

По утврдување на идентитетот, на 13.08.2020 малолетникот заедно со неговиот татко бил повикан на разговор во просториите на Единицата за насилен криминал, каде што во присуство на инспектор по малолетничка деликвенција, го признал делото и потврдил дека тој палел нискостеблеста трева и шума на падините на блиската шума над с.Мојанци.

За настанот бил запознаен Јавен обвинител за малолетници и по негови насоки делото е квалификувано како „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво член 288 од Кривичниот законик.

СВР Скопје – Единицата за насилен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје ќе поднесе писмено известување за малолетникот, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.